Предлогот на Георгиевски за амнестија отфрлен од сите!
И владеачката ВМРО ДПМНЕ и опизициската СДСМ се поеднакво виновни и затоа прво што треба да направат е да донесат закон за амнестија, предложи, поранешниот премиер и лидер на ВМРО НП Љубчо Георгиевски. Според него прислушувале и МВР, но и структура на стари удбаши поблиски до опозицијата.
„Ме терате упорно да ја бранам власта, иако не сакам. Се обидувам да ви кажам дека луѓето кои се во притвнор на чело се Верушевски се тие кои снимале. СДСМ е таа која нелегално снимала“, изјави во емисијата 24 Анализа, Љубчо Георгиевски. Поранешниот премиер со порака и до ВМРО ДПМНЕ да прифатат амнестија заради фалсификатите на избори кои според законот ќе треба дури 10 илјади нивни членови да заработат затворски казни за помагање на изборни фалсификати.
Заев: Има да вратат се што е украдено
Никој нема право да зборува за меѓусебна амнестија. Такво нешто не е можно, изјави за веб порталот А1 он, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Кој сум јас како политичар да зборувам за амнестија? Има Устав, има закон, не само што мора да паднат, мораат да одговараат за кршењето на законот. Има да го вратат сето тоа што е украдено од Македонија, постојат закони во Македонија“, вели Заев.
Претходно и портпаролот на опозиционата СДСМ, Петре Шилегов се огласи преку социјалните мрежи.
„За да нема дилема и за актуелниве и за бившите, демек добронамерни: Не се преговара и нема да има амнестија за никого“, напиша Шилегов на Фејсбук.
ВМРО ДПМНЕ: Нема амнестија
Нашиот став, јавно кажан, е дека треба да има правна и политичка резрешница, пишува на својот Фејсбук профил, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Тој потенцира дека владејачката партија децидно кажува дека нема шанси за амнестија.
„За разлика од нашиот став, ставот на СДСМ е дека може да има само политичка разрешница, што од старт ги покажува нивните намери. Јавно нека објават став за правна разрешница, со одлука на телата на партијата, и така ќе сме сигурни дека сакаат правда за сите што се огрешиле пред законот. Вакви статуси на фејсбук само покажуваат едно ниво на морална шизифренија и какафонија кои доминираат во СДСМ, посебно откако се повеќе свесни за криминалот во кој повеќе членови на нивното раководство се упаднати, па сега со вакво силење внатрепартиски сакаат да демонстрираат одлучност“, напиша Николовски.
ЛДП: Не прифаќаме амнестија за Груевски и неговата банда
Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, ги осуди и отфрли иницијативите за донесување на Закон за амнестија на според оваа опозициска партија, криминалната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ, како начин за излез и разрешување на политичката криза.
„Ова е уште еден доказ дека власта е исплашена и свесна за сопственото незаконско работење, за кое преку амнестијата бара начин за спас на сопствената кожа. Македонија не смее да си го дозволи тој луксуз да амнестира криминалци. До колку ова сега се направи стравуваме дека ќе стане правило во Македонија на секое заминување на било која власт, да се бара иста или слична амнестија. Ова ќе биде крај на правната држава. Груевски и неговата банда ја втурнаа државата во бездна, народот го држат во заложништво девет години, нанесувајќи им зло со нивните нечовечки и криминални дејанија“, изјави претседателот на ЛДП, Горан Милевски.
Жестоки реакции за амнестијата и на социјалните мрежи
Амнестијата секако треба да биде земена предвид како можност, порача аналитичарот Арсим Зеколи, преку својот ФБ профил.
„Амнестија? Зошто да не. Доколку можевме да амнестираме лажни патриоти кои закрвија народи за да се збратимат со своите допелгангери по сатрапски менталитет, криминал и неписменост, тогаш зошто да не ги амнестираме и по основа на финансијски криминал? Амнестијата секако треба да биде земена предвид како можност. Апсења и затвори не посакувам никому, не толку поради индивидуалниот политички шљам, колку за нивните семејства. Но под еден услов. Амнестија пропратена со конфискација на стекнатото богатсво преку криминал и корупција. Отварање на процес на лустрација по основа на разјаснување на потеклото на имотот. Пропратено со доживотна забрана за вршење функција или јавен настап. Со оквирна рамка од 1995 до денес“, напиша Зеколи на својот ФБ профил. .
Милчин на ФБ: Нема да биде простено ако СДСМ има слух за пеколните комбинаторики на Георгиевски .
Нема да биде простено ако СДСМ прифати амнестија за збеснатите криминалци од власта и нивното криминално владеење, пишува Владимир Милчин.
„Заев им вети на граѓаните на Македонија дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори. А каква е таа гаранција дека десетте години грабеж, лаги и малтретирање нема да се повторат, доколку на злосторниците им биде простено? Нема да биде простено ако СДСМ има слух за пеколните комбинаторики на Љубчо Георгиевски, кој се надева дека ќе ќари во матното, пишува меѓудругото Милчин на Фејсбук.
Најчевска: Амнестијата значи дека некој направил криминал
Барањето амнестија значи дека некој направил криминал кој треба да биде простен. Јас не гледам никаков криминал на страна на СДСМ (во моментов) и да ги бутнеш во еден кош е во најмала рака безобразно, напиша на својот ФБ профил, професорката Мирјана Најчевска.
„За секоја идна власт (техничка или избрана) мора да важи правилото дека не смее да има зголемување на имотот ни за еден денар во текот на држењето на функцијата. секој денар спечален надвор од она што претставуваат средства кои се издвојуваат од државата мора да биде конфискуван (исто како што се подразбира дека сите примени подароци се во сопственост на државата, а не во лична сопственост)“, напиша Најчевска на Фејсбук.
Георгиевски: Преодна влада, со албанец премиер
Излезот од политичката криза поранешниот премиер и лидер на ВМРО НП Љубчо Георгиевски го гледа во решение ВМРО ДПМНЕ И СДСМ да бидат амнестирани, да биде избрана преодна влада со мандат да подготви фер и демократски избори и како што истакна за него е прифатлива идејата премиер на таа влада да биде Албанец.
Р.Ф
Слично
