Предлог-закон за електронски комуникации: Високи казни како превентива
Вкупно 282 забелешки на предлог-законот за електронски комуникации поднеле до сега заинтересираните страни. Министерството за информатичко општество и администрација прифатило 120 од нив.
Најмногу сугестии од операторите за телекомуникациски услуги, кои бараат да се исфрлат одредбите кои за операторите предвидуваат парични казни во висина од 7 – 10 отсто од годишниот приход на компанијата. Меѓутоа, од надлежните институции сметаат дека високите казни мора да останат за да се спречат злоупотребите и да се делува превентивно.
„Можеби токму висината на казната била превентива за да не ги направат тие прекршоци. Во секој случај вакви високи казни се предвидени само за нарушување на конкуренцијата“, рече Лилјана Денковска, советник за правни работи во Агенцијата за електронски комуникации.
Предлог законот за електронски комуникации содржи шест европски директиви и според најавите од министерството за информатичко општество, треба да донесе поквалитетни услуги за граѓаните и развој на секторот за електронски комуникации.
Зголемување на ингеренциите на АЕК но и распределба на средствата кај операторите согласно законот за електронски комуникации - ова се главните измени од законот кои министерот за информатичко општество Иво Ивановски ги посочи како најважни.
Предлог-законот за електронски комуникации е на јавна расправа, а потоа ќе биде пуштен во собраниска процедура.
Слично
