Предизборни ветувања или реални мерки, што нудат партиите за да се спречи загадувањето?
Загаденоста на воздухот станува алармантна. Секоја
година се повторуваат истите мерки и препораки, а проблемот со загадувањето на
воздухот останува.Во период на изборна кампања и борба на партиите за
освојување на гласови, освен отворање на работни места, раст на пензии,
изградба на патишта, земјоделски субвенци и итн, се отвора прашањето што нудат
партиите за решавање на проблемот со аерозагадувањето кое сериозно влијале врз
здравјето на луѓето? Двете најголеми партии во своите програми има посветено
простор на решавање на проблемот со аерозагадувањето.
СДСМ: Систем за финансиска поддршка за изградба на филтри кај загадувачите во индустријата
СДСМ во програмата посочуваат дека планираат сет на конкретни мерки против аерозагадувањето, квалитетот на водата за пиење и почвата, меѓу кои е и изработка на Стратегија за заштита на воздухот од загадувањето и надградување на мониторигнот на квалитетот на воздухот. Најавуваат обезбедување на поволни кредити за замена на еколошки застарените линии и инсталација со ефикасни системи за намалување на загадувачките емисии.
„ Ќе воведеме систем за финансиска поддршка за изградба на филтри кај загадувачите во индустријата. Зајакнување на инспекциските органи заради ефикасен надзор врз спрове- дувањето на предложените мерки за заштита на воздухот, водите и почвата. Спроведување сопствен мониторинг на квалитетот и емисиите во воздухот, водите и почвата од страна на индустрискиот сектор. Дооформување и непречено работење на мрежите на станиците за следење на квалитетот на воздухот и водите.Одржување редовни средби со претставници од индустријата и дискусија на теми од областа на заштитата на воздухот, водите и почвата, како и обука во индустриските капацитети за подготовка на Проценка на ризик од еколошка одговорност“, се посочува во Програмата на СДСМ.
Од партијата најавуваат дека ќе направат ревидирање на одлуката за увоз на стари возила со цел да се обезбеди пониско ниво на емисии во воздухот од сообраќајот, царински олеснувања за увоз на нова технолошка опрема или инсталација на системи за пречистување на отпадните гасови или води, субвенции за обновливите извори на енергија.
„Заедно со сообраќајната полиција ќе спроведеме нови режими на сообраќај во поголемите градови, што значително би го намалило загадувањето на воздухот. Во сообраќајот ќе промовираме употреба на гасни горива од типот природен гас и пропанбутан. Ќе го стимулираме јавниот и организираниот превоз во градските средини и во поголемите компании. Воспоставување наменски здравствено-еколошки индикатори за процена на ризиците по здравјето на децата од загадениот воздух. Повторно ќе го воспоставиме Фондот за животна средина, како гаранција дека средствата добиени од такси за животна средина, ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната сре- дина, а нема да се користат за комодитетот на администрацијата (службени патувања, плаќање телефони или опремање на кабинети на министрите)“, стои во Програмата.
Во Програмата се ветува дека ќе се имплемтираат најсовремени еколошки стандарди во ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј, преку инсталирање системи за редукција на емисиии на стакленички гасови.
ВМРО ДПМНЕ:Зелени покриви во урбаните средини
ВМРО ДПМНЕ најавува намалување на акцизите за биогорива, продолжување на субвенциите за палети за греење за што планирани 9,5 милиони евра, ваучери за плински уреди , следење на квалитетот на течните горива.
„ Со донесување и реализација на годишниот план за следење на квалитетот на течните горива дополнително ќе се зајакне контролата на квалитетот на горивата што ќе придонесе и за намалено загадување на воздухот и заштита на потрошувачите. Со цел намалување на загадувањето на воздухот со ПМ честички и други загадувачки супстанци, кои произлегуваат од користењето на различни горива од страна на домаќинствата (огревно дрво, јаглен, нафта, и др.) се предвидува пакет-мерки за субвенционирање на користењето на пелети“, се посочува во Програмата на ВМРО ДПМНЕ.
Од ВМРО ДПМНЕ најавуваат проект за намалување на емисијата на прашина и штетени честички ПМ 10 на ТЕЦ Битола и проект за изградба на Систем за топлификација на Битола, Могила и Новаци, што според партијата ќе влијае врз намалување на загаденоста на воздухот во овој регион. Во програмата ВМРО ДПМНЕ најавува засадување на растенија покрај градските сообраќајници за фиторемедијација од тешки метали и зелени покриви на објектите во урбаните средини за што се планирани 8.100 евра.
„Зелените покриви се урбанистичко прифатлив светски тренд, процес одговорен кон природата, одржлив концепт кој е дел од зелената архитектура и логичен продолжеток за зачувување на енергетските ресурси. Потребата да се штеди енергија и да се намали аерозагадувањето се појдовни точки за концептот на озеленување на покривите. За таа цел, ќе се изработат едукативни материјали и преку серија активности и кампањи ќе се промовираат технологиите и материјалите за зголемување на површини со зелените покриви, особено во урбаните средини“, стои во програмата.
Екологисти-Партиите нудат парцијални решенија
Дел од екологистите велат дека понудените мерки на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ за решевање на проблемот со аерозгадувањето се парцијални и не се таргетирани клучните точки и приоритети за решавање на проблемот со загаденоста на воздухот.
„Првичниот впечаток ми е дека се работи за желботека, а не вистинско решавање на проблемите. Има и добри работи, но има и смешни, како она дека со фиторемедијација ќе ги чистат воздухот и пчодата.Тоа е процес за деконтаминација на почвата, некој што не знае што пишувал.Не се опфатени жешките точки, освен парцијално загадувањето на воздухот, другото не е спомнато.На пример почвата во Велес, што со Југохром во Тетово, Фени во Кавадарци, што со новите проблематични инсталации-леарницата во Пробиштип, рудникот во Казандол?Има делови кои се сакам кажам не знам речам, како делот за на пример проблемот со ТЕЦ Битола. Има и добри понуди, како гасификацијата на СДСМ, Фондот за животна средина.На ВМРО ДПМНЕ им е добро она со топлифдикациониот систем во Битола (мислам дека е стар проект кој има многу проблеми за да се реализира), но сума сумарум парцијални решенија, кои нема значително да влијаат на подобрување на условите во животната средина, дури и да се имплементираат целосно“, вели Ненад Коциќ од еколошкото друштво „Вила Зора“.
Т.С
