Пред утрешното финале – Вечерва две средби Груевски – Заев
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев вечерва околу 23 часот ќе имаат уште една заедничка средба, втора во текот на оваа вечер пред утрешната лидерска средба на која треба да објават дали постигнале договор или не околу преодната влада, пренесе Либертас.
Во меѓупаузата од вечерашниве средби, и Груевски и Заев се појавија во Американската амбасада на свечениот прием по повод Денот на независноста.
Груевски таму прашан од еден амбасадор – „премиере, како сте?“, му врати – „никогаш подобро“.
Заев имаше подолг разговор со американскиот амбасадор Бејли, најверојатно околу преговорите за преодната влада.
Двајцата заминаа од приемот пред 22 часот а нашите извори велат дека на барање на Груевски, околу 23 часот вечерва ќе се сретнат уште еднаш, за да размислел уште малку.
Од опозицискиот табор велат дека тие вечерва му го дале на Груевски нивниот финален предлог, а ако не го прифати, тогаш нема ништо од договорот од Пржино од 2 јуни. Најголемиот проблем, според партиски извори е повлекувањето на Груевски од премиерската функција, односно, кога тоа би се случило.
Утре, како што е најавено, лидерската четворка со странските монитори ќе има средба и ќе се знае, успеале ли власта и опозицијата да се договорат, или не.
