Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРЕД ПАРТИСКИ ЛИДЕРИ И СУДИИ МОЛЧАТ: Ќе дозволи ли Уставниот суд помилување за изборен криминал?

ПРЕД ПАРТИСКИ ЛИДЕРИ И СУДИИ МОЛЧАТ: Ќе дозволи ли Уставниот суд помилување за изборен криминал?
Најголемите политичките партии во државата, срамежливо и без жестоката реторика на која сме навикнати, го искажаа својот став против иницијативата Претседателот на државата да може да помилува и лица осудени за изборни нерегуларности. И ВМРО ДПМНЕ и СДСМ декларативно се заложија верзијата на Законот за помилување од 2009 година да не се менува. Сепак, пораката би била многу посилна доколку четирите најголеми партии, вклучувајќи ги и ДУИ и ДПА, заеднички и јавно го повикаат Уставниот суд да не ја прифаќа иницијативата на охридскиот адвокат Ристо Китески. Со оглед на тоа што токму партиите имаат најголем интерес да поттикнуваат и да вршат кривични дела против изборите и гласањето, би било сосема соодветно да упатат апел до уставните судии да ја отфрлат можноста за помилување за кршење на изборните правила. Сепак, ваквата идеја не е прифатлива ниту за ВМРО ДПМНЕ, ниту за СДСМ. „Лицемерно е однесувањето на ВМРО ДПМНЕ во таа приказна. Сите знаеме дека Уставниот суд е строго контролиран од нив и каков било повик од нивна страна, нема да биде искрен. Не е сега прашањето дали да има иницијатива, прашањето е моментумот на контролирањето од страна на ВМРО-ДПМНЕ, која што ја тера оваа работа. Уставниот суд треба да си ја повлече целата приказна онака како што треба затоа што пораките кои ги праќа се дека изборните измами ќе може да бидат присутни без да се плашат оние кои, како што веќе се покажа и докажа, дека направиле изборни измами“, вели портпаролот на опозициската партија, Петре Шилегов. Од ВМРО ДПМНЕ само кусо ни изјавија дека тие веќе неколкупати јасно го повториле својот став во однос на Законот за помилување и дека ќе ја почитуваат одлуката на Уставниот суд, без разлика каква ќе биде таа. Според професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ здружениот партиски повик да се отфрли иницијативата не би можел да се толкува како притисок врз Уставниот суд. „Нема ништо спорно во тоа лидерите да упатат апел, нормално ако се согласат на тоа. Па, токму на тој начин беше постигнат и договорот во Пржино. Уставните судии би сакале никој да не ги вознемирува, меѓутоа штом има јавен интерес, секоја одлука е подложна на критика и на суд на јавноста.“ Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски не очекува дека ВМРО ДПМНЕ и СДСМ би можеле да договорат заеднички повик за неприфаќање на инцијативата. „Не верувам дека партиите би можеле да се договорат за такво нешто. Кога целата јавност е против, единствен начин е да се запре постапката, а вака се навлегува во една посуптилна состојба. Нов елемент би било ако самиот поднесувач на иницијативата побара да се повлече постапката, но и покрај тоа судиите може да одлучат да ја продолжат постапката.“ Според Ивановски, одредбата со која не се дозволува помилување за изборни нерегуларности со ништо не го повредува највисокиот правен акт во државата, бидејќи во Уставот не се посочени конкретни случаи кога Претседателот може да помилува туку во членот 84 единствено стои дека Претседателот на РМ дава помилувања во согласност со закон. Тоа упатува на фактот дека одлуката за тоа за кои дела ќе може, а за кои не да се даде помилување, зависи исклучиво од законодавецот и од Собранието како носител на законоднавната власт. M.T.
Слично

Поврзани вести