ПРЕД ЛЕТНАТА СЕЗОНА: Пуштен во употреба реконструираниот пат Охрид - Свети Наум
Денес официјално е пуштен во употреба реконструираниот магистрален пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри пред почетокот на летната туристичка сезона. Вредноста на проектот за реконструкција на овој патен правец изнесуваше 11,7 милиони евра.
„Ова значи дека по речиси 4 децении, не само охриѓани, туку голем број на граѓани ширум државата, но и туристи ќе можат да патуваат од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија, по нов патен правец. Овие капитални проекти го подобруваат не само туристичкиот, туку и економскиот напредок и развој во Македонија“, објави денес владата.
Важноста на делницата Охрид-Св.Наум е исклучителна бидејќи е магистрален пат кој има регионално значење и претставува патна врска со Република Албанија, а цели четири децении чекаше за рехабилитација која започна во август 2023 година.
Со реконструкцијата заради зголемување на безбедноста во сообраќајот како и прегледност на патот се изврши и растеретување на косини од нестабилен карпест материјал и се монтираше заштитна челична мрежа на косините.
Со рехабилитација на оваа главна туристичка сообраќајна делница ќе се подигне и безбедноста во сообраќајот.
Слично
