Пред летната гужва: Авио-индустријата предупредува на хаос поради новите контроли во ЕУ
Новововедениот систем за влез и излез од Европската Унија (ЕЕС) би можел значително да им го отежне летниот одмор на патниците, поради можни долги редици на пасошката контрола. Според германскиот весник „Ханделсблат“, во шпицот на сезоната – јули и август – чекањето на некои аеродроми може да достигне и до четири часа.
На потенцијалните проблеми предупредија Меѓународниот совет на аеродромите (ACI), Здружението на европските авиокомпании (A4E) и Меѓународното здружение на авиокомпаниите (IATA), во заедничко писмо испратено до еврокомесарот за внатрешни работи, Маркус Брунер.
Претседателот на ACI и директор на аеродромот во Минхен, Јост Ламерс, изјави дека ефектите од примената на ЕЕС веќе се забележуваат, со пријавени ИТ-проблеми и зголемено време на чекање на одредени аеродроми.
– Тоа е многу амбициозен проект, а сè уште сме во месеците со понизок број патувања. Летото е пред врата – изјави Ламерс.
Системот ЕЕС почна да се применува во октомври минатата година и постепено се воведува во земјите членки на ЕУ. Неговата цел е автоматска регистрација на државјаните од трети земји при влез и излез од шенген-зоната. На аеродромите, патниците ги скенираат своите биометриски пасоши на специјални киосци, по што системот ги фотографира и им зема отпечатоци од прсти за споредба со податоците од документот.
Според „Ханделсблат“, целосната имплементација на системот се очекува до април, но дел од земјите заостануваат поради технички проблеми и недостиг од персонал. Кога автоматската проверка не функционира, патниците се пренасочуваат на класична пасошка контрола, каде повторно се создаваат долги редици.
Дополнителен предизвик е ограничената употреба на мобилната апликација „Ајде да патуваме во Европа“, развиена од Фронтекс, која овозможува дел од биометриската проверка да се заврши однапред. Засега оваа опција ја применува само Шведска.
Иако целта на системот е зајакнување на граничната безбедност, од ACI сметаат дека ЕУ треба пофлексибилно да пристапи кон неговата примена, особено во периодите со најголем патнички притисок, вклучително и можноста привремено да се поедностави читањето на биометриските податоци.
