Економија, финансии, бизнис

Контакт

Празна касата во Фондот за ПИОМ?!

Празна касата во Фондот за ПИОМ?!

Алармантен и загрижувачки ревизорски извештај за финансиската кондиција на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изготви Државниот завод за ревизија. Неповолната финансиска состојба во Фондот за ПИОМ се неостварените проекции за зголемување на вработеноста, како и неостварените проекции за пораст на платите, констатираат ревизорите. Според податоците во извештајот, загрижувачки е податокот дека дупката во буџетската каса на Фондот секоја година се повеќе се продлабочува, а дополнително се обелоденува и дека поради недостиг на пари, Фондот за ПИОМ на крајот од минатата година не им префрлил пари на приватните пензиски фондови.

Финансиската состојба на Фондот за ПИОМ не е на завидно ниво – покажува извештајот на Државниот завод за ревизија.  Според ревизорите неповолните економски параметри имаат влијание и врз фунционирањето на Фондот.

„На финансиското работење на Фондот во 2012 година влијание имаше намалување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување како и неостварените макроекономски индикатори за зголемување на вработеноста и порастот на платите на вработените кои имаат директно влијание врз остварувањето на приходите од придонесите“, стои во извештајот на ревизорите.

Ревизијата забележува дека од година во година се повеќе расте дупката во буџетот на Фондот која мора да се покрива со пари од централниот Буџет. Потенцирано е дека  законската обврска преку пресметување и плаќање на придонесот не обезбедува доволно средства за вршење на дејноста на Фондот, поради што дупката се покрива со средства од Буџетот на  РМ. Особено е за истакнување, велат ревизорите е дека висината на дефицитот во буџетската каса на Фондот има тренд на зголемување секоја година, движејќи се од 6% во 2008 година па се до дефицит кој изнесува од 22% во 2012 година.

„Зголемувањето на бројот на корисниците на пензија како и усогласувањето на пензиите во 2012 година влијаеше на недостаток на средства за исплата на пензии  поради што секоја година се зголемува зависноста на Фондот од позајмување на буџетски средства од основниот Буџет на РМ. За покривање на буетскиот дефицит исплатени се средства од Буџетот на РМ во износ од 10.219.220 .000 денари  што претставува учество од 22 % ,алармираат ревизорите.

Во споредбата која ја направиле во извештајот, ревизорите констатираат дека буџетскиот дефицит на Фондот минатата година е зголемен за 1.864.050.000 денари, односно за 3%, во однос на 2011 година.

Еве како изгледа континуираното продлабочување на дупката во Фондот за ПИОМ:

2008 – 6%
2009 -14%
2010 -16%
2011 –19%
2012 – 22%

Но при тоа ревизорите сигнализраат дека постои можност и од натамошно продлабочување на дупката во буџетската каса во Фондот.

„За истакнување е тоа што со измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување се предвидува намалување на стапката на придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување за 0,4% почнувајќи со исплатата на платите од јануари 2014 година, кој треба да изнесува 17,6%.“, констатирала ревизијата.

Фондот не префрлил пари на приватните пензиски фондови

Ревизијата констатирала уште еден загрижувачки податок за финансиската состојба на Фондот за ПИОМ за минатата година. Односно, поради недостиг на средства Фондот за ПИОМ прво позајмил пари од Централниот буџет, а потоа позајмицата се враќала од сметката на која се врши уплата на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување. По што на крајот од годината пари не добиле приватните пензиски фондови, а долгови се натрупале и кон Фондот за здравствено и Солидарниот Фонд.

Ревизјата констатирала дека Фондот, лани за навремена исплата на пензиите користел позајмици од Буџетот на РМ кои тековно ги враќал. Сепак,се обелоденува дека Фондот на крајот на годината, во услови на недостиг на средства, враќањето на позајмицата од Централниот Буџет во износ од 505.000.000 денари го врши со средства од уплатната сметка – мостната сметка, сметка на која се врши уплата на придонеси од пензиско и инвалидско осигурување.
„На овој начин на крајот од годината не е извршена распределба на уплатите на придонес од пензиско и инвалидско осигурување меѓу Фондот и приватните пензиски фондови, односно дел од средствата не се дистрибуирани до приватните пензиски фондови,обелоденуваат ревизорите.

За ваквите состојби, односно за долгот кон приватните пензиски фоднови, но и кон Фондот за здраветсно и кон Солидарниот фонд, Фондот за ПИОМ го алармирал и министерството за финансии.

„Фондот, со поднесено барање за исплата на пензии за месец декември 2012 година до министерството за финансии ја истакнал потребата за средстава за редовна исплата на пензии, за враќање на средствата за Вториот столб, и средствата за неисплатените обврски од месец ноември 2012 година по основ на придонес за здравствено во износ од 86.812 000 денари кон Фондот за здравствено осигурување како и кон солидарниот Фонд во износ од 17.280.000 денари“, обелоденуваат ревизорите.

Инаку, вкупните приходи на Фондот, минатата година изнесувале 46.768.860.000 денари. Според структурата, најголемо учество во вкупните приходи има придонесот од пензиско и инвалидско осигуривање со 59%  и од Буџетот на РМ (трансфери од Бучетот на РМ,од Министерство за одбрана, пренесен вишок на приходи од претходна година ) со учество од 38%. Додека незначително е учеството на приходи од акцизи и останати приходи.

С.Н.
Слично

Поврзани вести