Празна каса, откази или политички реваншизам во Гостивар
Неодамнешниот градоначалник на Гостивар Руфи Османи, обвини дека откако дошол неговиот наследник поради политички реваншизам отпушта работници и менува директори. Новиот татко на Гостивар пак се правда дека ваквите наводи се лаги и измами.
Руфи Османи:Ова е политички реваншизам
Според лидерот на НДП, Руфи Османи отпуштањето на околу 180 вработени во ЈП „Комуналец“ и од општинската администрација уште од првиот ден со стапување на функција на новиот градоначалник Невзат Бејта е политички реваншизам. Но , вели Османи, овде не запираат пресметките бидејќи новиот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта презел слични мерки во сферата на образованието каде како што вели, донел незаконски решенија за разрешување на повеќе директори на основните и средните училишта.
„Ваквата постапка е тешко кршење на независноста на советите на училиштата кои ги бираат и разрешуваат директорите. Во овој случај тој длабоко гази во автономијата на образовните институции,“порача Османи.
Невзат Бејта: Отказите се според закон
Според Невзат Бејта пак кој беше кандидат на ДУИ, Руфи Османи само за последните два месеци успеал да потроши 1,2 милиони евра, а во општинската каса останале само 5.000 евра и куп неплатени сметки.
„Градоначалникот во заминување се занимава со лаги и измами, за последните два месеци за предизборни активности потрошил еден милион и 200 илјади евра, што не го направил ниту еден градоначалник на државно ниво. Во касата на буџетот на Општина Гостивар, кога ја презедов функцијата најдов само 5.000 евра и многу неисплатени долгови. Но, бидејќи дадов збор пред граѓаните дека нема да се занимавам со него, јас сум дошол за да работам и за да ја спроведам програмата која ја ветив во текот на предизборните активности“, реагираше Бејта.
Тој вели дека работниците од ЈП „Комуналец“ биле отпуштени поради тоа што им истекле договорите.
Слично
