Економија, финансии, бизнис

Контакт

Празна или не: Колку пари има во касата на општина Центар?

Празна или не: Колку пари има во касата на општина Центар?
Најбогатата македонска општина е оставена со празна каса, а нема пари ниту за плата на вработените, изјави градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски за време на седницата на Советот на Општината. Освен за плати, рече Жерновски,  нема пари ниту за подмирување на долговите предизвикани од големите кредити со кои општината во изминатиот период се задолжила. „Со празна каза се здобив од претходниот градоначалник кога дојдов во најголемата и најбогатата општина. Само за овие три месеци имаме преземено обврски од 340 милиони денари, а толку треба да изнесуваат годишните расходи на општината. За два месеца буџетот е потрошен како за цела година“, појасни Жерновски. Општинските претставници посочија дека во изминатиот период е земен кредит од 5,5 милиони евра за изградба на две катни гаражи, таа кај Судската палата и онаа кај Нова Македонија. Ваквите наводи ги демантираа советниците од владејачката партија. Тие велат дека бројките го покажувааат спротивното, а во првиот квартал секогаш послабо се прибирале средства за разлика од останатиот период од годината. Реагираше и владејачката ВМРО ДПМНЕ. Во писменото соопштение стои дека Андреј Жерновски наместо да си ја работи работата за која што е избран и платен од граѓаните на Општина Центар, се занимава со манипулации кои треба да му бидат алиби за неспособноста да менаџира со општината. „Функцијата градоначалник подразбира реализирање на проекти кои ќе бидат во интерес на граѓаните и нивните потреби. Тоа Жерновски ниту пред изборите, ниту сега може да го разбере, бидејќи никојпат не работел за да знае што е корисно за неговите сограѓани. Обидите за манипулација кои ги прави Андреј Жерновски, само покажуваат дека тој воопшто не знае како функционира една едница на локалната самоуправа, па за своето незнаење сака да бара виновници секаде освен во самиот себе“, стои во соопштението.
Слично

Поврзани вести