Економија, финансии, бизнис

Контакт

Правните експерти жестоко се поделија за уставните амандмани

Правните експерти жестоко се поделија за уставните амандмани
Огромни разлики постојат меѓу истакнатите правници и експерти во земјава во врска со уставните измени што ги предлага Владата, покажа научната расправа што ја организираше Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Според претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски, за промена на највисокиот правен акт - Уставот пожелен е консензус, затоа што тој треба да претставува акт на најширока, по можност консензуална определба на сите политички субјекти и на граѓаните. „Оттука, не навлегувајќи во постојните односи што ја обременуваат сферата на политиката, сметам дека токму еден ваков значаен чин би требало да биде повод за нормализација на односите во Собранието“, рече Камбовски, алудирајќи на можноста опозицијата да се врати во собраниските клупи. Наспроти ова, професорката Тања Каракамишева - Јовановска смета дека владејачките партии имаат апсолутен легитимитет да предложат промени на Уставот, бидејќи за тоа добиле поддршка од граѓаните на последните парламентарни избори. Со неа не се согласуваат и професорите Гордана Силјановска, Осман Кадриу и Јове Кекеновскикои исто така сметаат дека за ова прашање е неопходен не само политички, туку и општествен консензус. Како и во текот на собраниската расправа, најмногу дебата предизвика амандманот со кој бракот се дефинира како животна заедница исклучиво меѓу само една жена и еден маж. И за ова прашање ставовите на експертите беа дијаметрално спротивни од тоа дека бракот треба да остане законска категорија која е доволна за регулирање на оваа заедница, па се' до ставот дека ЕУ нема единствен став за ова прашање и дека на националните законодавства им се остава ова прашање да го регулираат во согласност со традиционалните вредности.
Слично

Поврзани вести