Правниот факултет кажал „НЕ“ за државниот испит
Владиниот предлог за воведување државен испит во високото образование е противуставен и ја нарушува автономијата на универзитетот, првично заклучил Правниот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Ова за Утрински весник го потврдил деканот на факултетот Борче Давитковски.
Одлуката ја донела факултетската управа, но предлогот сега ќе им биде поделен и на сите професори за да се изјаснат.
Во мислењето по предлогот што го доставило Министерството за образование, оваа високообразовна институција заклучила дека ваквата проверка е во спротивност со концептот на високо образование и претставува „несоодветен обид за нивелирање на квалитетот преку унифицирана проверка“.
Правниот факултет потсетува дека тој подлежи и на надворешна евалуација што се спроведува од европски институции.
Овој факултет сепак ја поздравува идејата на Владата за донесување комплетно нов Закон за високо образование, кој ја регулира работата на јавните и на приватните високообразовни институции. Воедно се надеваат дека во иднина ќе се реши и прашањето за финансирањето и дека нема во иднина некои високообразовни институции да се финансираат со 78,5 отсто буџетски средства, за разлика од другите.
Конечната одлука треба да биде донесена утре, кога се очекува професорите да ги соочат аргументите „за“ и „против“.
Слично
