Правила во Македонија се уште нема, ГА-МА и НЕР велат дека природен гас ќе може да увезува секој од 1 јануари
Либерализацијата на пазарот со природен гас во Македонија предвидено е да започне од 1 јануари, но процедурите се уште не се завршени, Законот за енергетика од 2018 година истакнува дека државата треба да формира сертифициран оператор за пренос на природен гас, како и да донесе подзаконски акти што ќе овозможат тргување на овој пазар. Засега, овие правила не се донесени и нема најави кога тоа ќе се случи. Претходно, државата склучи договор со Бугарија за проширување на капацитетот на интерконекторот кај Жидилово.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, пред два дена најави дека акционерското друштво „Национални енергетски ресурси“ и ГА-МА, компанијата под чија надлежност е системот за пренос на гас, ќе станат едно претпријатие, но иако тоа требаше да биде официјализирано по владината седница, сега се испоставува дека и натаму, според државните компании, треба да се довршуваат одредени формалности.
Од ГА-МА, операторот на системот за пренос на природен гас, потврдуваат дека на почеток нема да може компаните кои ќе бараат да тргуваат со природен гас преку Бугарија да ги добиваат кодовите во Македонија. Преку официјалниот сајт на ГА-МА, компаниите кои набавуваат природен гас биле известени дека ќе мора да одат во Бугарија за да добијат код од „Булгартрансгаз“. Само со поседување на ваков код тие ќе можат да увезуваат природен гас.
- Тоа е само бројче, кое може да се добие со пратен мејл. ГА-МА е подготвена да им понуди помош на оние кои имаат проблеми да го сторат тоа. Тој код е потребен само за да се најавите на платформата. Точно е дека според Законот за енергетика, во земјата треба да постои сертифициран оператор, но во истиот закн стои и дека ГА-МА ја извршува таа дејност до назначување на операторот. За тоа имем и постојана поддршка од Енергетската заедница, а до крајот на годината и Регулаторната комисија за енергетика ќе ги донесе потребните правилници, со кои ќе се усогласување, Дополнително, на нашата веб-страница ќе ги објавиме потребните појаснувања и од 1 јануари сите квалификувани трговци ќе може да увезуваат гас, велат од ГА-МА, каде што истовремено и од Министерството за економија не упатија за одговор.
Македонија, засега нема субјект што поседува ваква сертификација, ниту е најавено кога новото претпријатите ќе добие ваков документ. Процедурата за обезбедување сертификат трае околу седум месеци. Од НЕР, државната компанија која ја гасифицира земјата, иако има уште две недлеи до Нова Година, уверуваат дека овие промени на начинот на функционирање нема да влијаат негативно на пазарот со природен гас.
- Тоа се нетворк кодови за мрежни правила, са кои секој трговец има време да ги добие во Бугарија, се додека не се воспостави пазарот онака како што треба. На новото друштво ќе му треба процес да се сертифицира, а додека тоа да се направи, тој код ќе се вади за еден ден од бугарскиот Булгартрансгаз. од друга страна, ние имаме притисок да обезбедиме пазарна конкуренција во трговијата со природен гас. Тоа се мешународни правила од Енергетската заедница, кои ќе ги третираме како наши се додека не се воспостават домашните, ни одговорија од НЕР.
Правилата на пазарот со природен гас ги носи операторот, но за тоа мора да има согласност од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Овој процес подразбира спроведување јавен повик за да се слушне мислењето од сите заинтересирани страни. И на овој план се отвора прашањето кога ќе се случи тој повик, ако се знае дека Македонија нема оператор, а и тој да се формира, во скоро време не би имал сертификација.
