Правен факултет наспроти УЈП – Промените за ДДВ на физички лица се неправични
УЈП нема одговори на забелешките на професорите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ кога е во прашање опфаќањето на физички лица како ДДВ обврзници со приходи остварени во текот на годината кои надминале 1 милион денари. Прагот беше неочекувано и ненајавено спуштен од 2 милиони денари со уредба на УЈП која исто така е оспорувана од професорите бидејќи не може да биде извор на правото, но и не се водеше соодветна дебата, ниту јавноста беше навремено информирана.

Генералната директорка на УЈП Анастасија Илиеска од генералната дирекција во Скопје која е најповикана да даде објаснувања не одговори на сите новинарски прашања на почетокот на конференцијата за измените на уредбата за ДДВ обврската за физичките лица. Таа го оправда спуштениот праг со истекот на антикризните мерки кои беа воведени претходно, како и за опфаќање на лица кои остваруваат еден вид на стопанска дејност во системот на ДДВ.
- Секоја дебата така и оваа може да вроди со позитивен плод преку издржана дискусија, УКИМ е вистинско место за научна дебата. Редовно ја информираме јавноста преку медиумите, во ноември и декември 2016-та имаше 46 едукации за персонален данок и ДДВ. Од 2008-та се фокусиравме на подобрување на услугите кон даночните обврзници, и имаме доброволна усогласеност со системската директива на ЕУ, се дел од аргументите со кои Илиеска ги оправда измените.
Професорката Александра Максимовска посочи неколку проблеми со измените на Законот за ДДВ кои се изненадни и спротивни на досегашната пракса.
- ДДВ беше маркантен белег на Република Македонија и без оглед што не е член на ЕУ, досега имавме најдобри оценки и бевме регионален пример со данок со супериорен облик за потрошувачката како прецизна германска машина, изработена по француски рецепт, но тој не смее да трпи премногу отстапки и тоа е правило за сите членки. Досега немаше отстапки од 6-тата глава на европската директива, па така овие измени сега не начекаа на една кривина. Проблемот се јавува во тоа што опфаќа ДДВ? Тоа досега беше прометот со стоки, а сега и прометот со услуги.
Максимовска додава и дека Македонија досега имаше многу едноставен даночен систем, ДДВ беше поврзан веднаш со компаниите и стопанството, но сега постои закана физичкото лице ако го надмине прагот од 1 милион приходи да биде оданачено по еден основ со два вида на даноци, како и да му се наметне обврска и во наредните години иако повеќе не ги остварува истите видови на дејност за кои имал приход.
Професорот Ванчо Узунов предупредува дека станува збор за скриена прогресија на ДДВ.
- Зошто се воведува оваа промена – да се соберат повеќе пари! Ако ги знам правилата однапред ќе знам колку приходи ќе имам и колку данок ќе платам. Ако има даночна евазија кај ДДВ да видиме како да ја спречиме. Треба да го гледаме даночниот систем во целина, ако гледате едно делче ќе дојде до искривување како што сега ова се случува со ДДВ за физичките лица, вели професорот Узунов
Тој додава дека правичноста значи сите граѓани кои имаат исти приходи да се оданочуваат исто.
- На скриен начин се воведува дополнителен данок само на одредена група на граѓани, ако сега приходот што им останува се плаќа со 18 посто што е за 8% повеќе од персоналниот, но не знаме на кого и како ќе се спроведува, а граѓани кои имаат многу повисоки приходи но по друг основ пак ќе си плаќаат по 10 на пример од плата, но не и тие што имаа мала плата а издаваат на пример имот.
Виолета Ставрова од УЈП ги правда измените во примената на Законот за ДДВ со цел да се опфатат лицата кои остваруваат стопанска дејност без оглед дали се правни или физички лица.
- Во законот за ДДВ се опфатени и лицата кои вршат услуги со цел остварување приход, без оглед дали се правни или физички лица. Се она што физичките лица го вршат во рамките на договорот за вработување со својот работодавец не се смета за самостојна активност , но во моментот кога ќе вршат активности надвор од својата дејност и остваруваат приходи по други основни може да влезат во системот на ДДВ. Надминување на износот носи задолжително регистрирање, во текот на една година. Сите физички лица кои вршат промет на услуги и добра и се предмет на оданочување имаат обврска на поднесување на даночна пријава. Законот овозможува пред да ја извршат дејноста однапред да се регистрираат и да ги искористат сите поволности, вели Ставрова.
Автор: Христијан Станоевиќ