Пратениците во јануари расправале со мала или без никаква дискусија
Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во рамки на проектот „Собранието под лупа денеска го објави извештајот за дебатата на пратениците во јануари во кој велат дека пратениците досега најмалку ги образложувале своите позиции со по два и повеќе аргументи, а најчесто досега во говорите изнесувале по еден аргумент.
„Во овој период тие повторно не успеаја да се разубедат во исправноста на своите аргументи и секој остана во својот „ров“. Во јануари не е забележано дека пратеник ја променил својата позиција поради поквалитетни аргументи изнесени во расправата или од други причини.
Во мониторираните собраниски седници пратениците почесто во дискусиите искажуваа почит кон другите учесници и нивните аргументи споредено со претходните месеци.
Пратениците во јануари беа најактивни во текот на пратеничките прашања и во расправите околу измените на законите за високо образование, за просторно и урбанистичко планирање и за административни службеници.
Опозицијата во Собранието, претставена од 10 пратеници, повторно го зголеми уделот во дискусиите и достигна највисоко ниво досега од 29%“, се вели во шестиот извештај од мониторингот на квалитетот на дебатата во Собранието на Социетас Цивилис.
Исто така во извештајот стои дека голем дел од точките од дневниот ред поминале со мала и еднострана или без никаква дискусија.
Заклучокот е дека јавноста повторно остана посиромашна за квалитетна дебата за дел од законските решенија при што е испуштена можноста преку дискусија да се тестира валидноста и издржаноста на изнесените аргументи - Ова се дел од наодите во шестиот извештај од мониторингот на квалитетот на дебатата во Собранието.
