Пратеникот Александар Николоски се препозна во колумната на Кире Наумов, и возврати на Фејсбук
Вчерашната колумна на Кире Наумов предизвика силни реакции и на социјалните мрежи, но ги возбуди и политичките кругови во земјата. По белешката на Наумов, во која беше прозван пратеник од власта кој е од Охрид, на својот фејсбук профил се јави Александар Николоски, пратеник на ВМРО ДПМНЕ од нашиот најтуристички град.
- Читам Кире Наумов долгогодишен следбеник на Бранко Ц., директор на Агенција за разузнавање во негово време коментирал на мојот статус за викендот во Грција. Кире, јас немам од што да се срамам, напротив јас си ја сакам и бранам државата. Ама ти сигурно треба да се срамиш што го подржуваше БЦ што 20 години камен не стави во Охрид, што "п" од пат до Охрид немаше во агендата, човек што го предложи Петрески за Градоначалник на Охрид за да ни го заглави градот со 50 милиони евра и што остави 10 000 невработени во транзицијата. За инфо студијата за автопатот до Охрид е готова и здравје за брзо можеби и во текот на оваа година ќе видиме како почнува овој проект. Ама главната поента не е дали е Охрид или Грција поблиску или подалеку, дали се оди со кола или авион, поентата е како може да одите таму кајшто не ве признаваат и да го потрошите тоа малку што сте го заработиле кај тие што сакаат и тоа малку да ви го земат. Поздрав од Стразбур и тука се води битка за Македонија, напиша Николоски.
Претходно, на крајот од својата колумна на Фактор, Наумов јавно повика на одговорност за лошите патишта во земјата, особено за патниот правец кон Охрид.
- Ако 400 километри до некоја плажа во Грција можете да ги извозите побрзо и на крајот да се чувствувате понеуморно, отколку 170 километри до Охрид, тогаш најпрво треба да се срами оној кој во последниве 7 години е вмровски пратеник од Охрид. Поврзано со она погоре, ако некој поданички ги бранел и гласал проектите кој му ги нудел шефот Груевски, а кои во основа биле трошење на буџетски пари за непродуктивен кичерај кој е најпогоден за реализација на корупцијата со која се создава „новата олигархија“, и при тоа не се заложил да се вложува во патната инфраструктура до Охрид, тогаш таквиот е беден соучесник во коруптивната креација и воедно свесно ги праќа оние 23.000 Македонци далеку од неговиот град, напиша Наумов, алудирајќи на претходните статуси на пратеникот Николоски, кој сметал дека е непатриотски да се оди на викенд в Грција, наместо да се биде во родната земја.
Слично
