Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пратениците ќе кренат рака за да си се разрешат

Пратениците ќе кренат рака за да си се разрешат
Точно напладне во македонското Собрание започнува 87 седница, со единствена точка на дневен ред - распуштање на овој парламентарен состав. Иницијативата ја поднесе Демократската унија за интеграција (ДУИ). Во образложението, партијата на Ахмети појаснува дека причина за ваквиот потег е неприфаќањето на предлогот за консезуален претседателски кандидат на претстојните претседателски избори, од страна на нивниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ. „Оваа понуда не беше сериозно сфатена од другите политички субјекти, за што не добивме позитивен одговор од ниту еден политички субјект во земјата. Изразуваме загриженост поради фактот што политичките субјекти не се подготвени за еден ваков чекор. Ние ќе продолжиме со негување на оваа идеја и убедени сме дека ќе покажеме дека таа е во интерес на земјата“, образложуваат пратениците на ДУИ. Од партијата веруваат дека предвремените избори се во интерес и на подобрување на односите со соседите, како и за одблокирање на македонските евроатлантски интеграции. Според Уставот, иницијативата за самораспуштање е единствена опција за предвремено распуштање на македонското Собрание. За да помине предлогот, мнозинството од вкупниот број пратеници треба да гласаат за да им престане мандатот. Во сегашниот состав, потребни се 62 гласа. ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ја поддржи иницијативата. Премиерот Груевски викендов одговори дека ја прифаќа фрлената ракавица за уште една проверка на довербата пред гласачите. „Јасно е зошто бараат консензуален претседателски кандидат - за да не го добијат! потоа да одат на обид за пропаѓање на претседателските избори и да извршат притисок за промена на Уставот со цел партиите, а не граѓаните во иднина да го избираат претседателот на државата“, рече Груевски. Доколку иницијативата помине, предвремените парламентарни избори најверојатно ќе се одржат на 27 април, заедно со вториот круг од претседателските избори, иако тоа ќе создаде серија проблеми во роковите за изборната кампања.
Слично

Поврзани вести