Пратениците го послушаа Николовски, изгласан законот за исплата на земјоделските субвенции
Со 90 гласови „за“ во Собранието беше изгласан предлог- законот за изменување и дополнување на законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, со кој ќе им се исплатат субвенциите на земјоделците.
„Четири месеци над 20.000 домаќинства кои живеат од производство на тутун чекаат исплата на заслужните субвенции. Не разбирам зошто Законот за земјоделство и рурален развој се блокира? Оваа блокада на Законот не му наштетува на Љупчо Николовски. Оваа блокада им наштетува директно на 20.000 семејства кои во екот на новата реколта ги чекаат субвенциите.
Тргнете ја политиката од земјоделството, посебно сега во услови на криза. Одговорно тврдам дека парите за исплата на субвенциите за тутунарите уште пред 3 месеци се обезбедени во Буџетот“, повика претходно министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека опозицијата ќе го поддржи законот иако не е овозможена и нема отворена дебата со оставен простор за подготовка на пратениците.
- И покрај сите дезинформации, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ дава целосна поддршка на Предлог-законот, сепак имаме одредени забелешки, кои секако треба и ги истакнуваме со нашиве дискусии, рече Стојаноска.
Пратеничката Љубица Спасова од СДСМ соопшти дека се обезбедени една милијарда и 300 милиони денари во буџетот и по гласањето на овој закон и по објавувањето во „Службен весник“ субвенциите веднаш ќе може да им се исплатат на земјоделците.
-Во периодот од 2017 до 2019 година исплатени се 305 милиони евра за заостанати редовни субвенции, а финансиската поддршка продолжува и понатаму, потенцира Спасова, која потсети на новите мерки, како зелена нафта, грантови од 20.000 евра за млад земјоделец, грант од три илјади евра за жена земјоделка, итн, наведе Спасова.
Претседателот на Собранието Талат Џафери по гласањето на Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, ја прекина 64-та седница и даде пауза од пет минути за да се подготват службите.
По паузата ќе продолжи 54-та седница, а со неа ќе претседава потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.
