Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРАТЕНИЦИТЕ ГИ „ДОУТЕПАА“ ФИРМИТЕ СО БЛОКИРАНИ СМЕТКИ: Закони стојат неусвоени, штетите големи

ПРАТЕНИЦИТЕ ГИ „ДОУТЕПАА“ ФИРМИТЕ СО БЛОКИРАНИ СМЕТКИ: Закони стојат неусвоени, штетите големи

Пратениците ја продолжуваат агонијата на и така уништените компании. Поради тоа што не успеаја да ги усвојат измените на Законот за платен промет, фирмите кои имаат финансиски проблеми од почетокот на годината не можат да вршат плаќања со пресметка на меѓусебните побарувања. Таа можност ја даваат токму предложените измени, а со нив фирмите кои имаат блокирани сметки можат меѓусебе да си ги наплаќаат долговите и со цесија, со асигнација и со компензација. И покрај тоа што измина еден цел месец од оваа година, тие измени уште не се стасани на собраниска седница. Инаку не е само овој закон кој е блокиран. За компаниите важни се и измените на Законот за ДДВ кои исто така требаше да почнат да важат од оваа година.

Павле Гацов, даночен и финансиски експерт вели дека пратениците итно треба да ги донесат овие измени.

„Заборавениот Закон за платен промет може целосно да го блокира работењето на компаниите со блокирани сметки, затоа што со него и оваа година тие ќе можеа да ги вршат плаќањата со пресметка односно со цесија, асигнација и компензација. Од друга страна Законот за ДДВ требаше да биде донесен затоа што со него се менува прагот за ДДВ регистрација. Фирмите калкулирале дека ќе биде донесено и ќе важи од годинава, а испаѓа дека нема засега па затоа очигледна е штетата од неусвојувањето на сите овие измени кои ги засегаат компаниите, вели Гацов.

Инаку Владата го предложи Законот за платен промет на крајот на декември, а тој стаса во Собрание во јануари со што иницијално беше направено доцнењето.

„Предложениот закон има за цел да им овозможи на фирмите кои имаат  финансиски проблеми да можат да вршат плаќања со пресметка на меѓусебните обврски и побарувања и во текот на 2022 година. Законот чие изменување се предлага се заснова врз истите начела врз кои се заснова основниот Закон. Со измената на Законот ќе се одложи примената на одредбата од членот 25 став (1) со што учесниците во платниот промет кои имаат блокирана сметка меѓусебните парични побарувања и обврски ќе можат да ги плаќаат со пресметка  до крајот на  2022 година“, се вели во законското образложение, чиј предлагач е Владата.

Што се однесува пак до Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ), Фактор веќе информираше.  Една од клучните измени на Законот е зголемувањето на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ од сегашните 2 милиони денари на 3 милиони денари. Впрочем по измените кои треба да бидат усвоени во Собранието, сите даночни обврзници, чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 3.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината го надмине износот обврзани се за регистрација за данокот на додадена вредност. Новина во овој Закон е и тоа што се воведуваат вредносни ваучери.

Вчера во Собранието се одржуваше 61-та седница, а пред усвојувањето на нејзиниот дневен ред координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара дополнување со предлог-закон за изменување на законот за Владата на Република Македонија по скратена постапка. Се бара всушност да се тргнат одредбите кои се однесуваат на начинот на функционирање на владата или т.н. Пржинска влада

Претседателот на Собранието Талат Џафери образложи дека предлог-законот е доставен во Собрание, не е дистрибуиран до пратениците, во моментов е во превод и додаде дека многу брзо ќе се преведе од службите. Потсети на законските рокови и процедури и рече дека сега нема предуслови да се стави на гласање. Според него, и ДИК треба да се изјасни за рокот за спроведување на изборите.

А.Т.


Слично

Поврзани вести