Прага: На границата Бугарија-Македонија треба да се воспостави систем за запирање на мигрантите кон Шенген
Чешкиот премиер Бохуслав Соботка изјави дека треба да биде создаден "резервен граничен систем" по линијата Бугарија-Македонија, која ќе ги штити шенгенските земји од навлегувањето на нелегални мигранти од Блискиот Исток и Северна Африка.
Според Соботка е потребно зајакнување на обезбедувањето на шенгенските граници и да биде формирана единствена европска гранична и крајбрежна стража.
"Но, бидејќи засега ништо такво не дејствува, треба по границата на Бугарија-Македонија да се создаде резервен граничен систем", рече тој. Според него, ЕУ треба да испрати таму техничка опрема, за да се овозможи регулирање на миграциониот поток, откако тој не може да биде регулиран во Турција или во Грција.
Истовремено чешкиот премиер призна дека клучот за решавање на миграционата криза е во успешниот исход на мировните преговори за прекин на граѓанската војна во Сирија. Според зборовите на Бохуслав Соботка тогаш мотивацијата на мигрантите да тргнат кон Европа би исчезнала на половина од моменталната.
Идејата на Соботка за "резервен граничен систем" кореспондира со изложениот предлог за нова заштитна линија на северната грчка граница во почетокот на јануари од унгарскиот премиер Виктор Орбан .
Европската унија треба да воспостави нова заштитна линија на северната граница на Грција, бидејќи договорот со Турција нема да е доволен за да престанат стотиците илјади мигранти да доаѓаат во Европа, рече Орбан. И додаде дека "следната заштитна линија која треба да се изгради, е по должината на северната граница на Грција".
Според него Бугарија, една од северните соседи на Грција треба да биде примена во Шенген зоната, а Македонија треба да добие финансиска поддршка и друга помош за да може да ја зајакне својата одбрана.
Идејата на чешкиот премиер е поврзана и со упатениот повик за создавање на миграциски центри на границите на ЕУ во вторникот од страна на министрите за внатрешни работи на земјите од Вишеградската група.
