Познато колку компании од ФИТР ќе добијат по 30 000 евра за иновативни проекти
Триесет и четири домашни компании ќе спроведуваат иновативни проекти со повеќе од 1 милион евра преку Фондот за иновации и технолошки развој, од кои ФИТР со финансерот Светска банка обезбедува 85% или 980,771.62 илјади евра а самите апликанти учествуваат со остатокот или во случајот со 275,686.08 илјади евра.
Корисници се најуспешните учесници на повикот на ФИТР „СтартАПувај“ а вкупниот број на поднесени барања бил 186 што упатува на фактот дека се побарани петпати повеќе средства од предвидениот буџет за инструментот.
Директорот Деспотовски нагласи дека позитивно е тоа што 91 отсто од компаниите првпат учествуваат на јавен повик организиран од страна на Фондот, како и тоа дека дури две третини од компаниите што аплицирале не се постари од една година, а повеќе од 50 проценти од нив се основани по објавата на јавниот повик.
Осум од вкупно 34 компании од Фондот за иновации и технолошки развој ќе добијат по 30 илјади евра финансиски средства додека сумата за останатите варира од 24 па над 29 000 евра.
На листата на компании кои добија финансии доминира ИТ индустријата додека застапени се и фирми од области како биохемија, градежништво, маркетинг, земјоделие, енергетика и други а тие предвидуваат отворање на над 400 работни места со просечна плата која ќе се движи над 500 евра .

Најголем дел од оние кои ќе спроведуваат иновативни проекти со сума од 30 000 евра се од Скопје, а по една има од Берово, Струга, Куманово, Струмица и Штип .
Според Деспотовски, дополнителен позитивен показател е податокот дека со овој повик се поттикнува женското претприемаштво во земјата, односно дури 35 проценти од компаниите апликанти имаат жена управител или член на сопственичката структура.
И.С.
