Економија, финансии, бизнис

Контакт

Познато е кој купи 24 отсто акции во најголемата македонска млекарница, сега има само еден сопственик

Познато е кој купи 24 отсто акции во најголемата македонска млекарница, сега има само еден сопственик

Млекара АД Битола во ревидираниот финансиски извештај доставен до Македонска берза објави дека од оваа година е во целосна сопственост на ИМЛЕК АД Србија, со што практично е откриен и купувачот на преостанатите 24 отсто акции кои беа продадени во јануари годинава.

Во јануари официјалната информација беше дека се продадени 24,41 отсто од акциите на Млекара АД Битола по цена од 17.096 денари од акција на слободниот пазар, односно за вкупна сума од околу 7,37 милиони евра, што можеше да се претпостави дека некој го купува „пакетот“ на холандскиот партнер CEE Investments B.V.

„По датумот на составување на билансот, се случија измени во сопственичката структура на Друштвото. ИМЛЕК АД. Србија го зголеми својот удел од 74,6% на 99,0% и стана доминантен сопственик“, соопшти најголемата македонска млекарница во ревидираниот извештај кој деновиве беше поднесен до берзата.

Битолската млекарница како акционерско друштво кое не котира на македонската берза не беше должно да објави кој го купил уделот од околу 24 отсто, по блок-трансакцијата. До јануари 2026, ИМЛЕК Србија поседуваше 74,6 отсто од акциите, додека останатиот дел му припаѓаше на CEE Investments B.V. од Холандија.

Блок-трансакцијата се совпадна со најавениот период во кој требаше да се заокружи сопственичката трансформација на дел од млечната индустрија во регионот. 

„По датумот на составување на билансот, се случија измени во сопственичката структура на основното матично претпријатие на Друштвото На 19 ноември 2025 година беше потпишан договор за купопродажба за преземање на 100% од капиталот на матичното Друштво ИМЛЕК АД. Србија. Купопродажната трансакција беше реализирана во април 2026 година. На 27 април 2026 година новиот сопственик на матичното Друштво ИМЛЕК АД. Србија, VELATTE BIDCO DOO BEOGRAD, беше запишан во Централниот регистар на хартии од вредност како 100% сопственик на капиталот. VELATTE BIDCO DOO BEOGRAD е во сопственост на Velatte LuxCo S.à r.l. Luxemburg.“, објавено е дополнително во извештајот за клучни настани што се случиле како промени во текот на оваа година.

Млекара АД Битола минатата година ја заврши со приходи од 46,8 милиони евра. Остварената добивка изнесува 3 милиони евра. Во 2025 просечниот број на друштвото бил 243 вработени.
А.К.


Слично

Поврзани вести