Познато е кој ги купи акциите на „Топлификација“ во ТЕ-ТО за 9 милиони евра
Самиот АД ТЕ-ТО е купувач на акциите на „Топлификација во стечај“ за повеќе од 9 милиони евра во скопската гасна централа, која е еден од најголемите произведувачи на електрична и топлинска енергија во земјата, објавено е во ревидираниот годишен извештај доставен до Македонска берза.
Во септември минатата година на јавна берзанска аукција на акции при продажба на големи пакети на акции, „Топлификација“ АД Скопје-во стечај продаде 27 обични акции издадени од „ТЕ-ТО“ АД Скопје што претставува 10,80 проценти од основната главнина на друштвото. Акциите се продадоа по почетната продажна цена од 20.555.556 денари (334.000 евра) по акција преку моделот „се или ништо“ или за вкупна сума од 555 милиони денари (девет милиони евра).
Името на купувачот тогаш не беше објавено, а како најголем добитник се смета дека е Комерцијална банка како еден од најголемите доверители во „Топлификација во стечај“ бидејќи продажбата на акциите беше по нивно барање. „Топлификација“ АД Скопје – во стечај го продаде целиот пакет од 27 акции во ТЕ-ТО, односно 10,80% од основната главнина, по неколку претходни неуспешни обиди.Дека купувач е самиот АД ТЕ-ТО може да се види по новата сопственичка акционерска структура во гасната централа. АД ТЕ-ТО кој претходно немаше акции, сега поседува 10,8 проценти, а Топлификација АД Скопје - во стечај повеќе не е акционер. Останати акционери се Project management Consulting LTD со 38.8 отсто, Bitar Holding Limited со 29,2 проценти и Energy Cyprus Limited со 21.2 отсто.
Стечајниот управител ни рече дека предност до средствата од продажбата имаат доверителите, каде што одат сите приходи од продавањето на пакетот акции. Самата „Топлификација во стечај“ последните свои приходи ги има остварено последен пат во 2019-та. Инаку „Топлификација“ до продажбата на акциите водеше судски спор со гасната централа за побарувања од 15-тина милиони евра како основица и камати за заеми при изградбата на ТЕ-ТО.
„Во однос на главното побарување на Топлификација, предмет на тужбеното барање, во висина од 15.229.333 евра, донесено е правосилно
решение со кое тужбата на Топлификација е отфрлена бидејќи ова побарување на Топлификација е опфатено со планот за реорганизација на ТЕТО АД Скопје. Судската постапка продолжи само во однос на парничните трошоци. Побарувањето во висина од 10% кое согласно планот за
реорганизација ТЕ-ТО АД треба да го плати на Топлификација е пренесено на Комерцијална банка и на Шпаркасе банка“, објавено е во ревидираниот извештај.
А.К.
