Економија, финансии, бизнис

Контакт

Познатиот инвеститор Иван Ивановски го презема „Иново Статус“, најавува реструктурирање и ребрендирање

Познатиот инвеститор Иван Ивановски го презема „Иново Статус“, најавува реструктурирање и ребрендирање

Комисијата за хартии од вредност му даде согласност на Иван Ивановски од Кочани да стекне квалификувано учество во Друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови „Иново Статус“ АД Скопје. Според одлуката, тој ќе стекне 100 отсто од акциите на друштвото, во трансакција вредна 160.000 евра, а постапката треба да се реализира во рок од 90 календарски дена од денот на добивање на согласноста.

„Што се однесува до Иново Статус, во тек е преземањето на друштвото, ќе помине во фаза на реструктурирање и ребрендирање и целта е за 3 години да биде најголемиот инвестициски фонд во регионот“ изјави Ивановски за „Фактор“.

„Иново Статус“ е друштво за управување со отворени и затворени инвестициски фондови со седиште во Скопје, регистрирано во 2007 година. Досегашен мнозински сопственик со квалификувано учество е „ЕЈ СИ ЕМ Консулт“ ДОО од Софија, Република Бугарија. Друштвото е основано со одобрение од Комисијата за хартии од вредност и работи во областа на управување со инвестициски фондови.

Во рамки на својата дејност, „Иново Статус“ управува со имотот на инвестициските фондови, врши рекламирање на фондовите и продажба на удели во отворените инвестициски фондови, како и административни работи поврзани со водење деловни книги и сметки. 

„Иново Статус“ управува со отворените инвестициски фондови „Иново Статус Балансиран“ и „Иново Статус Солар“.

Иван Ивановски во јавноста е познат и како човекот што ја води иницијативата „Супорт Кочани“, која стана препознатлива по ангажманот и донациите по трагедијата со пожарот во Кочани. Тој е познат и како локален претприемач, основач на софтверската компанија „Веником“, едукативната платформа „Мастерклас МК“ и апликацијата за велосипедизам „Бајк Компјутер КО.“.


- Филип Костов

Слично

Поврзани вести