Познати се имињата на загинатите во авионската несреќа
Италијанскиот весник „Ла Република“ објави дека со приватниот авион, кој се урна вчера попладне кај велешкото село Кожле, управувал пилотот Франческо Монтањер, претседател на аматерскиот спортски аеро клуб „Тревизо“.
Загинатите се пет мажи и една жена. Во авионот биле и потпретседателот на клубот Дарио Бастасин, како и Лука Дале Муле, Ангело Калегари и Иларија Бертио и Висар Бегај од Косово, кои имале и италијанско државјанство. Според италијанскиот весник, шестиот загинат е Ангело Калегари, додека косовските медиуми објавуваат дека во падот загинал и братот на Висар Бегај.
Жртвите живееле во градовите Треивизо, Падова и Удине. Тие планирале да патуваат во Приштина поради бизнис, но и за активности поврзани со аеро клубот „Тревизо“. Во Приштина требало да присуствуваат на инаугурација на тамошен аеро клуб.
Урнатиот авионот бил со германски национални ознаки, од типот „Пајпер Па 34-200 Т Сенека“. Авионот полетал од Тревизо, Италија, а крајната дестинација му била Приштина. Тој бил пријавен на аеродромот „Александар Велики“-Скопје за дополнување на гориво.
Надлежните ќе истражуваат кои се причините кои довеле до пад на авионот.
