Економија, финансии, бизнис

Контакт

Позитивна година за македонските градежни компании

Позитивна година за македонските градежни компании
Позитивни финансиски резултати во 2013 година забележаа најголемите македонски градежни компании „Гранит“ и „Бетон“. Според билансите на успех, објавени во неревидираните финансиски извештаи, и двете компании ја завршија годината со добри резултати кои пред сè се должат на зделките остварени на домашниот пазар. „Гранит“ минатата година ја заврши со нето добивка од 322,4 милиони денари (5,3 милиони евра) што е речиси на истото ниво како и во претходната 2012 година. Вкупните приходи на компанијата се намалиле за 3%, на 5,34 милијарди денари (87, 5 милиони евра). Од нив 4,8 милијарди денари биле остварени на домашниот пазар. Компанијата во 2013 година го зголеми и своето учество на странските пазари од каде што, според извештајот, обезбеди приход од 142 милиони денари. Остварените вкупни расходи на компанијата изнесуваат нешто повеќе од 5 милијади денари (околу 82 милиони евра). Најголемо учество во расходите имаат набавките на потрошен материјал и услуги. „Бетон“, пак, објави раст на нето добивката за 14%, споредено со 2012 година. Лани оваа градежна компанија остварила добивка од 50.692.000 (околу 824 илјади евра). Вкупните приходи на компанијата се движат околу 2,8 милијарди денари (45,5 милиони евра) и бележат намалување од 9,68% во споредба со 2012 година. Остварените вкупни расходи изнесуваат 2,7 милијарди денари и се за 10, 24% пониски од расходите во 2012 година. „Во наредниот период, земајќи ја во предвид зголемената активност на пазарот во областа пред се на нискоградба, комбинирано со зајакнатите мерки за подобрување на ефикасноста на работењето во компанијата се очекува зголемување на остварениот позитивен финансиски резултат од работењето“, соопштуваат од компанијата.
Слично

Поврзани вести