Поздравени билатералните односи помеѓу Македонија и САД на средбата Груевски-Бејли
Премиерот Груевски денеска оствари средба со Џес Бејли, амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија.
На средбата беа поздравени билатералните односи помеѓу двете земји и беше изразена посветеноста кон нивно континуирано унапредување и продлабочување, информираат од кабинетот на премиерот.
Исто така била истакната определбата за интензивирање на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
Соговорниците разговарале и за реформите кои се спроведуваат во Република Македонија и за актуелната политичка состојба, при што премиерот Груевски ја истакнал стратешката определба на нашата земја за интеграција во евро-атлантската заедница и за унапредување на стандардите во сите општествени сфери.
На средбата истакнато било и значењето на соработката во областа на мировните мисии во кои учествуваат и македонските мировници под раководство на НАТО.
Двете страни разговараа и за можностите за зголемување на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.
