Повторно се бара концесионер за „Македонско село“
Министерството за економија повторно распиша оглас за менаџирање и стопанисување со комплексот „Македонско село“, лоциран во скопската населба „Нерези“ спорти манастирот „Св.Пантелејмон“.
Овој пат се бара концесионер кој ќе управува со комплексот 20 години притоа како што пишува Билд идниот концесионер за стекнување на правото на управување со проектот „Македонско село“ ќе мора да и уплати на државата минимум 30 милиони денари без вклучен ДДВ, односно по околу 2.000 евра месечно.
Заинтересираните може да достават понуди најдоцна до 7 декември.
Имено, за изградбата на ова етно село надлежните потрошија 5,4 милиони евра и дополнителни 1,3 милиони евра за внатрешно уредување на комплексот.
Требаше да биде отворено пред три години
Отварањето на „Македонско село“ доцни веќе три години, но доколку се јави концесионер, вратите на комплексот ќе бидат отворени до крајот на годинава.
Комплексот „Македонско село“ се простира на површина од 12.194 метри квадратни. Во него се наоѓаат 12 автентични куќи од различни региони на Македонија, како и други придружни содржини, меѓу кои два ресторани, музеј, сувенирница, портирница, мал амфитеатар за организирање конференции… Во комплексот има и посебен дел со селско-стопански содржини – воденица, валавница, трло, штала, рибник… кои идниот концесионер ќе може да ги стопанисува.
Според огласот, во комплексот би се вршела хотелиерска, угостителска, туристичка и занаетчиска дејност, продажба на сувенири, како и производство на храна.
Издавањето на комплексот под концесија е дел од активностите за спроведување на Стратегијата за развој на туризмот и туристичките ресурси и капацитети на државата.
