Економија, финансии, бизнис

Контакт

Повторно огромна сума на пари од Владата за ЕСМ за помалку од еден месец

Повторно огромна сума на пари од Владата за ЕСМ за помалку од еден месец

Владата со одлука која стапува на сила од 21 декември му префрли уште 25 милиони евра од буџетот на сметката на ЕСМ за надминување на енергетската криза со електрична енергија. Ова било одлучено на последната редовна владина седница во вторникот.

„Со оваа одлука се одобруваат финансиски средства во износ од 1.500.000.000 денари на Акционерското друштво за производство на електрична енергија, Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје“, пишува во антикризната мерка.

За помалку од еден месец веќе дадени се 35 милиони евра народни пари за ЕСМ.  Претходно, од Владата на 29 ноември му беа одобрени повеќе од 11,5 милиони евра буџетски пари на АД ЕСМ за справување со кризната состојба, а следниот ден сумата беше префрлена на сметката на државните електрани.

Само четири месеци претходно на Електрани на РСМ за истата намена му беа префрлени 50 милиони евра. Во зимските месеци на почетокот на годината - јануари и февруари, од Владата во неколку наврати беше трансферирана збирна сума од безмалку 80 милиони евра. Во текот на ноември ЕСМ Продажба од Владата доби посебни 7,7 милиони евра за обезбедување на субвенционирана електрична енергија за компаниите од прехранбениот сектор, училиштата и водоводните претпријатија. 

Тоа значи дека оваа година веќе се потрошени 175 милиони евра буџетски пари за енергетската криза со електричната енергија. 

Домашното производство ни од далеку не може да ги задоволи потребите на потрошувачката во земјата и да ги покрие загубите на електрична енергија, поради што ЕСМ и во текот на декември продолжи со купување на увозна струја од приватни снабдувачи.

АД ЕСМ ѝ понуди на ЕВН Хоум купопродажна цена на електрична енергија од 56 евра за мегаватчас, за покривање на 100 отсто од вкупно планираните количини. Оваа цена е за околу 16 отсто повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јули-декември 2022), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 48 евра за мегаватчас. Сепак, дали ќе има поскапување на струјата за крајните купувачи, ќе се знае по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, која се очекува во наредните десетина дена, по добивањето и на други параметри.

Александар Кузмановски

Слично

Поврзани вести