Повторно имало инцидент во Егејското море меѓу грчки патролен брод и турски рибарски чамец
Инцидент се случи вчера во Егејското море меѓу грчки патролен брод и турски рибарски чамец.
Турското Министерството за надворешни работи, според грчките медиуми, испратило демарш до Грција поради инцидентот во Егејското море меѓу патролен брод на грчката крајбрежна служба и турски рибарски чамец. Како што наведуваат, грчката страна испукала неколку предупредувачки истрели во воздух. Грчката крајбрежна служба тврди дека истрелите биле на безбедно место, а според турската крајбрежна служба еден од рибарите е повреден во ногата. Грчката крајбрежна служба соопшти дека инцидентот се случил вчера попладне кога турски рибарски чамец рибарел во грчките територијални води, во делот меѓу островите Хиос и Инусес и не одговорил на повиците за повлекување. Наместо да се повлече, рибарскиот чамец направил „опасни маневри“, се приближил до грчкиот брод, се обидел да го удри и го нападнал со разни предмети, камења и слично. Грчките медиуми пишуваат дека за инцидентот реагирала официјална Анкара со протесна нота до амбасадата на Грција во Турција. Слични инциденти имало и во минатото. Дури претходните години, медиумите пишуваа дека тогашната германска канцеларка Ангела Меркел спречила војна меѓу двете земји.
