Повлекувањето на еврообврзницата единствено рационално решение
Потребно е да се намалат расходите, посебно да се рационализираат непродуктивните трошења, а покачувањето на пензии, плати и социјални трансфери да се одложи за периоди кога економскиот раст ќе биде посилен, или да се промени даночната политика, вели Благица Петрески од Finance Think- Институт за економски истражувања и политики. При тоа Петрески, најавува дека Finance Think ќе иницира работна група која ќе има за цел да даде конструктивни предлози во оваа насока.
Со оглед на зголемените ризици во економијата, и оттука намалениот економски раст и тенденцијата за негово понатамошно намалување, ова задолжување би било многу скапо. Дополнително, не е позната намената за која ќе се потрошат средствата. Оттука, повлекувањето на еврообврзницата е рационално решение.
Задолжувањето е еден начин да се надминат ликвидносните проблеми. Но, во ситуација кога во континуитет расходите за тековни трошоци (плати, пензии и социјални трансфери) не може да се покријат преку приливите од приходи, постојано задолжување не е оптимално решение. Во таква ситуација, потребно е да се направат структурни промени на расходите и приходите.
Алтернативите е да се намалат расходите, посебно да се рационализираат непродуктивните трошења, а растот на тековните трошоци (како покачување на пензии, плати и социјални трансфери) да се одложи за периоди кога економскиот раст ќе биде посилен, или да се промени даночната политика.
Во периодот што следи потребно е да се направи напор за конструктивен консултативен дијалог помеѓу сите засегнати страни, вклучително експертската јавност и граѓанскиот сектор, се со цел да се изнајде најоптимално решение.
Слично
