ПОВИСОКИ ПЛАТИ И МИНИМАЛЕЦ: Дали фирмите се подготвени за промени?
Во
Македонија веќе подолг период се случува
процес на деиндустријализација т.е.
опаѓање на учеството на индустријата
во македонскиот БДП и намалување на
учеството на бројот на вработените во
индустријата во вкупниот број на
вработени – вели во интервју за “Фактор“,
Ангел Димитров, претседател на
Организацијата на работодавачи. Смета
дека пред да се посегне по зголемување
на персоналниот данок, треба да се
размисли и дали се потребни корекции
во даночните стапки на приходите од
закупнина, дивиденда, камата.

Буџетските пари за домашните фирми – неискористени...
Фактор: Владата проектираше поголеми трошења во однос на годинашниот Буџет за 4,1%. Врз основа на очекувањата за економски раст , проектирани се и зголемени приходи за 4,5%. Како се оценува новиот конципиран Буџет?
Димитров: Се надевам на новата Влада нема да и се случи она што се случуваше на старата, да се проектираат повисоки очекувања и според нив да се пресметуваат осетливите категории како на пример, буџетскиот дефицит, надворешниот долг и некои други показатели кои според Завршната сметка на буџетот ги добиваа своите нормални вредности кои по правило беа многу повисоки од проектираните.
Се разбира дека постојат реални шанси да се постигнат овие очекувања бидејки Македонија е мала држава со многу ниско ниво на развиеност и со остварување на планираните реформи, кратења на не продуктивните трошења, поттикнување на економскиот раст базиран на производството и извозот можеме да ги оствариме планираните цели за 2018 год. , а за идната 2019 веќе да планираме и раст над 5%.
Фактор: За домашните фирми најавена е буџетска поддршка од 1,1 милијарда денари. Во кои сегменти на компаниите им е најнепоходна државна поддршка. До сега беа актулени политиките на даночни ослободувања како и директни финансии за стимулирање на нови работни места.
Димитров: Предвидената подршка на домашните фирми е во согласност со изборната програма на владеачката партија која за разлика од поранешната влада, која единствена подршка обезбедуваше за странските инвеститори во ТИРЗ-овите и за субвенции во земјоделието, ветуваше значителна подршка на домашните компании.
Во Македонија веќе подолг период се случува процес на деиндустријализација т.е. опаѓање на учеството на индустријата во македонскиот БДП и намалување на учеството на бројот на вработените во индустријата во вкупниот број на вработени. Македонија во оваа фаза на развој со БДП околу 4.700 УСД по жител својот развој треба да го темели на индустријата и извозот, а за да се направи тоа потребно е поголемо вложување во современа опрема во нашите компании за да можат да ја зголемат продуктивноста и квалитетот на производите и да станат по конкурентни на светскиот пазар.
Новата Влада потребно е да направи анализа на сите наши сектори и да изгради посебна стратегија за секој сектор пооделно, но секако развојот нај многу зависи од висината на инвестициите по вработен. Земјите кои во минатото имаа многу повисоки инвестиции по вработен сега имаат многу повисок БДП и повисок стандард на вработените. Значи, потребна е директна подршка за зголемување на технолошката опременост, а не само вложувања во инфраструктурата. Вложувањата во патишта на индиректен начин влијае на развојот но неговото влијание е поголемо само во периодот на изградбата, а потоа ефектите се многу по ниски. Вложувањата во нова опрема и модернизација на постојната даваат директни ефекти на по долг рок.
Средствата за отварање на нови работни места исто така треба да се зголемат затоа што не е важно колку многу различни политики за вработување сме предвиделе туку колку сме издвоиле средства за овие политики.
Повисоки плати и даночна реформа ...
Фактор: Зголемување на минимална плата, законска исплата на К15 , каква е финансиската кондиција и ликвидност на фирмите по долготрајната политичка криза за да можат да одговорат на овие “обврски“?
Димитров: Финансиската кондиција на фирмите не е баш нај добра и ова, помеѓу останатото, се гледа и по зголемувањето на ризичните пласмани кај банките. Долгорочната политичка криза си го направи своето. Влијанието на зголемувањето на минималната плата треба да се анализира и веднаш да се превземат некои мерки. Очигледно планираната финансиска помош, за која се издвоија средства со ребалансот на буџетот, нема да се реализира. Затоа е недозволиво средствата да останат не искористени а фирмите да имаат големи проблеми и да отпуштаат работници. Се надевам дека за ова се свесни и во Владата и очекувам веќе во наредната недела заеднички да изнајдеме некое решение.
Фактор: Најавена е дебата за корекции, односно зголемување на персоналниот данок. Се таргетира категорија на граѓани што земаат над 1000 евра. Дали вработени што замаат околу 1000 евра можеме да сметаме дека во групата “богати“?
Димитров: Никој неможе точно да утврди кој е износот над кој платите или месечните заработувачки би се сметале за големи или работниците „богати“. Ако го земеме месечниот просек од околу 370ЕУР, тогаш можеби границата би требало да биде околу 1.300 ЕУР или 3,5 пати поголеми од просечните. Но се разбира ова не мора да биде правило. За мене поважно е да се направи разлика помеѓу платите и приходите од имот или приходите од капитал. Можеби приходите од закупнини, дивиденди па можеби и од камати треба да имаат поинаков третман или да се оданочат со повисока стапка од платите.
Фактор: Владата ги повика банкарите со поголема динамика да го кредитираат корпоративниот сектор. Од друга страна , самите фирми поради неизвесноста се воздржуваа од побарувачка за инвестициски кредити, па дури се зголеми и нивото на нефункционални кредити во приватниот сектор. Дали стопанствот во новата 2018 годна ќе влезе со поголеми планови за инвестирање ?
Димитров: Плановите за инвестиции мора секогаш да се присутни, затоа што само така може да се опстане на пазарот. Но прашањето е за можностите и ризиците. Се разбира дека и банкарите мораат да се грижат за ризиците од лоши пласмани кои удираат по нивниот биланс и ги намалуваат нивните профити. Сметам дека овде Владата со повици неможе многу да направи. Банките работат на пазарни принципи и помеѓу нив постои конкуренција. Како пример ке ја земам разликата помеѓу активните и пасивните камати-каматите кои банките ги плаќаат на депозитите и оние кои ги наплатуваат за одобрените кредити. Таа во Македонија е многу повисока од развиените држави но банкарите мораат да ги покријат и ризичните пласмани, во некои случаи земените хипотеки ни од далеку не го покриваат долгот на зајмувачите. Затоа и оваа област е зависна од вкупните случувања во економијата на една земја.
