Повеќе туристи дошле во август, но останале пократко од лани
Успеавме да привлечеме поголем број туристи, а сега треба да ја збогатиме туристичката понуда за да ги задржиме подолго, оценуваат туристичките работници
Бројот на странски туристи во шпицот на туристичката сезона во земјава бил поголем од лани, но тоа недоволно го зголемило бројот на ноќевања, па заради се намалил просекот на остварени ноќевања по странски турист годинава во август во споредба со истиот месец лани, покажува споредбата на официјалните податоци што ги објави Државниот завод за статистика. Лани во август тој сооднос изнесувал 2,55 ноќевања по странски турист, а годинава соодносот е 2,45 ноќевања по странски турист иако бројот на туристи од странство е зголемен за 17,8 отсто.
Слична и негативна е тенденцијата и кај домашните туристи во екот на туристичката сезона односно во август. Просечниот број на ноќевања по домашен турист е 5,56 наспроти лани кога тој сооднос во август бил 5,87 ноќевања по домашен турист просечно.
Компарацијата на бројот на ноќевања и на бројот на туристи (домашни и странски) покажува дека во земјава бројот на туристи расте со поголема динамика и не може да биде следен од бројот на остварени ноќевања и покрај тоа што има пораст во споредба со лани. Заклучокот е дека туристите иако во поголем број ја посетуваат нашата земја во споредба од лани, сега пократко се задржуваат во земјава од тоа што се задржувале лани. Ако се знае дека должината на престојот е во директна корелација со големината на приходите од туризам тоа значи дека пократкиот престој носи помалку пари за домашната туристичка индустрија. Теоријата на туристичката наука овој проблем го решава со сет на методи, услуги и алатки за проширување на туристичката понуда и тоа треба да го спроведат нашите туристички работници.
Странските гости во август оствариле над 21 отсто од сите ноќевања на странски туристи во првите осум месеци годинава покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Странците во август оствариле 140.605 ноќевања. Тоа е раст од 14.933 ноќевања односно 12 отсто во споредба со истиот месец лани. Во август годинава сме имале 57.373 странски туристи и нивниот број е зголемен за 17,8 отсто односно за 8.250 туристи повеќе во споредба со истиот месец лани. Но кога ќе се стават во корелација бројот на остварени странски ноќевања со бројот на странски туристи излегува дека просекот на ноќевања по лице е понизок од ланскиот просек. За август годинава тој сооднос е 2,45 ноќевања во странски турист, а лани бил 2,55 ноќевања по лице –странски турист.
Бројот на домашни туристи во август е во пораст и изнесува 88.072 што е за 9.588 туристи повеќе од истиот месец лани односно за 12,2 отсто повеќе. Мало зголемување има и кај бројот на остварени ноќевања од домашни гости. Во август нивниот број е 489.625 ноќевања што е за 28.662 ноќевања повеќе од истиот месец лани односно за 6,2 отсто.
Според статистичките податоци годинава во август убедливо најмногу туристи има од Турција и нивниот број изнесува 9.694 лица. Следна на листата, очекувано, е Србија од каде дошле 5.900 гости. Изненадувачки високо е Полска од каде во август сме угостиле 4.118 лица, а традиционално и очекувано тука се и туристите од Холандија – 4.820 посетители во август.
Р.Ф.
Слично
