Повеќе пари за наука за да се спречи „одливот на мозоци“
Вкупно 108 милиони денари за поддршка и развој на научно- истражувачката дејност во земјата ќе додели годинава Министерството за образование и наука. Ова е за 18 милони денари повеќе во однос на вложените средства минатата година.
„Со 77 милони денари, практично со најголем дел од средствата, ќе се поддржи научно-истражувачкиот кадар со посебен акцент на младите кои се интерсираат во оваа област, затоа што нивното вклучување во научно-истражувачката работа превентивно делува на „одливот на мозоци“ од државата“, истакна министерот за образование Спиро Ристовски.
Преку Програмата на научно-истражувачката дејност за 2014 година ќе бидат поддржани државните установи и граѓанските здруженија насочени кон науката, ќе се развива научно-истражувачкиот кадар и ќе се обезбеди мобилност и поврзување на домашното и меѓународно научно-истаржувачко искуство.
Предвидена е и исплата на средства за објава на научно-истражувачки трудови во меѓународни списанија со импакт фактор, како и доделување на државни награди за постигање од интерес на државата во одредена научна област.
Пари ќе има и за стипендии за студентите од втор и трет циклус во земјата и странство, а ќе се финансира и престојот на постдипломците и универзитетските професори од земјата во рамките на ЦЕЕПУС програмата.
Слично
