Над третина од приходите на домаќинствата одат за храна - и соседите со слична мака: може ли добриот род да ги намали цените во маркетите?
Иако агроклиматските услови најавуваат добра земјоделска сезона во Србија, повисоките приноси на жито, овошје и зеленчук сами по себе не се доволен услов за пад на цените на храната на рафтовите.
На патот од нива до трпеза во цената на храната се вградуваат сè поскапи енергенси, минерални ѓубрива, но и нефер трговски практики, односно неповолен откуп на примарните земјоделски производи, пишува „Блиц“.
За да се избегнат нереални скокови на цените на храната, а со тоа и на вкупната инфлација, државата донела сет од три трговски закони. Со нив системски ќе се следат не само цените на основните животни намирници, туку и цените на ѓубривата, семето и хемиските средства за заштита на растенијата.
Деканката на Економскиот факултет во Белград, професорката Жаклина Стојановиќ, вели дека законот може да влијае врз стабилизирање на цените во растителното и сточарското производство, но дека последниот збор сепак го има развојот на геополитичките настани.
Цените на храната ќе продолжат да растат
Индексите на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО, според текстот, укажуваат дека цените на храната во светот ќе продолжат да растат. Не толку нагло како во 2022 година, но сепак се очекува нагорен тренд.
За земја како Србија, која значаен дел од приходите ги остварува од извоз на храна, тоа би можело да биде добра вест. Проблемот е што земјата е увозно зависна од енергенси и минерални ѓубрива.
Стојановиќ објаснува дека во структурата на трошоците за производство на пченица, на пример, од 20 до 40 отсто од трошоците одат за ѓубрива, а уште од 10 до 20 отсто за енергенси.
Гледате колку оваа група трошоци има големо влијание. Меѓутоа, зголемувањето на тие цени не оди еден на еден со цената на пченицата. Во најлошиот момент, кога цената на ѓубривата порасна два до три пати, цената на пченицата на светскиот пазар се зголеми за 20 до 30 проценти. Значи, раст на цената на пченицата можеме да очекуваме доколку дојде до подраматично нарушување на пазарот на инпути - објаснува професорката Стојановиќ.
Храната силно го погодува животниот стандард
Цените на храната во Србија имаат значајно влијание врз вкупната економија и инфлацијата, но и врз животниот стандард на граѓаните од најниските доходовни групи. Според Стојановиќ, тоа може да се види преку анкетите за потрошувачката на домаќинствата.
- Ако го имаме предвид податокот дека повеќе од една третина од приходите на домаќинствата оди за храна, тогаш може да се заклучи колкаво е тоа влијание. Ние секогаш зборуваме за просек, но сликата е многу појасна кога ќе се анализира по доходовни групи. Ќе видите дека огромен број потрошувачи во Србија се директно погодени од цените на храната и дека секој динар им е важен - вели Стојановиќ.
Иако ограничувањето на трговските маржи за основните животни намирници е укинато, професорката оценува дека мерката дала добри ефекти на ниво на економијата како целина.
Според неа, мерките биле воведени во август и септември со цел да се стави под контрола растот на малопродажните цени. Инфлацијата била намалена од 4,9 отсто на нешто под 3 отсто, што таа го оценува како добар резултат.
Во моментов, според текстот, инфлацијата е околу 3,3 отсто. Но, кога се гледаат поединечни категории производи, сликата е поинаква. Во категоријата храна и безалкохолни пијалаци, во периодот од декември до април е забележан раст на цените од 2,4 отсто, а свежото овошје и зеленчук поскапеле за 18 отсто.
- Тоа сите го чувствуваме преку нашите паричници - вели Стојановиќ.
Фото: Архива
