Повеќе од 150.000 Французи потпишаа петиција за азил на Сноуден
Повеќе од 150.000 Французи потпишаа петиција во која од претседателот Франсоа Оланд бараат поранешниот службеник на американската Агенција за национална безбедност (NSA) Едвард Сноуден да му одобри азил после истекувањето на статусот бегалец во Русија.
Магазинот „Експрес“ објави манифест и петиција наведувајќи дека „Франција, како земја со човечки права и слобода на медиуми, има посебна обврска кон Сноуден“.
„Во Уставот се наведува дека секоја личност, која е мета на прогон поради своите постапки за слобода, има право на азил на територијата на Републиката“, се наведува во петицијата.
Петицијата веќе ја потпишаа неколку десетици славни личности, вклучувајќи го и поранешниот премиер Мишел Рокард.
Во петицијата од Оланд и премиерот Мануел Валс се бара „без одложување да му посакаат добредојде на Сноуден, како политички бегалец“. Меѓутоа, Валс изјави дека не му се допаѓа изнесената идеја.
