Повеќе грчки јаглен за РЕК Битола, помалку увозна струја
За прв пат по речиси три години пауза, од пред два дена РЕК Битола работи со сите три блока едновремено. Во вторникот, како што претходно извести ЕСМ, бил приклучен на мрежа третиот блок и испорачува електрична енергија по монтажата на новиот трансформатор од 6 милиони евра што пристигна од Турција.
Блокот 3 не работеше една година откако стариот трансформатор се запали, а неговото приклучување значи поинтензивна потрошувачка на јаглен. Според она што ни го достави ЕСМ, производството на РЕК Битола ќе се потпира на увезен јаглен од Грција. За прв пат е потпишан договор со грчката компанија ЕО Протергија Енерџи. Станува збор за фирма-ќерка на гркиот енергетски гигант Митилинеос, кој веќе има статус на стратешки инвеститор во Македонија и интерес да увезува гас, од кој во новоизградена гасна електрана ќе го трансформира во електрична и топлинска енергија.
Со Протергија е потпишан последниот договор на ЕСМ за увоз на јаглен од странство. Склучен е на 1 декември минатата година. Договорена е рекордна набавка на 600.000 тони јаглен, што е убедливо најголема количина досега со почетокот на енергетската криза и се поголемото намалување на домашните залихи. За набавката, Протергија ќе добие 2.182.300.800 денари, или околу 35 милиони евра, доколку се испорача целата количина.
Од друга страна, во изминатиот период се забележува пад на купувањето на увозна струја за покривање на недостатоците од страна на ЕСМ. Неколку дена по ред не е известено дека имало набавка, а последно што е објавено е дека од денеска до следната недела се купуваат количини за околу 200.000 евра од ЕТМТ Енерџи, што е многу помалку од парите кои се трошеа во декември и ноември лани.
Од ЕСМ велат и дека до почетокот на декември лани имале пет активни договори за услуги од помошна механизација за ископ на јаглен на сопствените наоѓалишта, со ангажирање на четири компании. Вредноста на договорите е околу 3,5 милиони евра. Од ЕСМ тврдат дека активно работи и нивната сопствена механизација набавена како нова во периодот од 2020 до 2021.
Блок 3 на РЕК Битола е повторно вклучен во работа после 366 дена откако во ноември 2021 година неговиот трансформатор беше оштетен во пожар предизвикан од надворешен фактор. Новиот трансформатор на Блок 3 го изработи турската компанија Астор. Во исто време, трансформаторот кој беше оштетен во пожарот, се наоѓа на репарација во специјализирана фабрика во Република Србија и се очекува наскоро и тој да пристигне во РЕК Битола каде ќе се чува како резерва за евентуални слични непријатни ситуации во иднина.
Со вклучлувањето на Блок 3, РЕК Битола работи со полн капацитет. Последен пат комбинатот работел со сите три блока во грејната сезона 2019/2020 година, односно од февруари до март 2020 година.
А.К.