Повеќето партии се противат на одлуката за издавање еврообврзница
Откако вчера Владата објави дека издава нова еврообврзница до 650 милиони евра, со свои реакции се јавија партиите.
Тие се против ваквата одлука и бараат нејзино повлекување. СДСМ, ЛДП, ДОМ и „Левица“ сметаат дека ова задолжување ќе биде товар за идните генерации.
Кире Наумов од СДСМ денеска ова задолжување го нарече финансиско злосторство врз граѓаните, економијата и идните генерации. Објаснува дека со најавеното издавање на еврообврзница јавниот долг и официјално ќе го надмине износот од пет милијарди евра и ќе изнесува 54% од БДП. Тој според Договорот од Пржино, беше дополнителен заменик-министер во финансии и рече дека ги известуваат Сити Банк, Дојче Банк, Ерсте Банк и Сосиете Женерал, како агенти за издавањето на најавената еврообврзница дека согласно Законот за Влада, уште во сила биле законски норми како и при издвањето на четвртата еврообврзница.
„Доколку не биде испочитувана истата правна процедура, како при издавањето на таа еврообврзница, тогаш по промената на власта ќе го оспориме ова задолжување како законски јавен долг. За ова, Миновски и сите инволвирани, ќе понесат кривична одговорност согласно законите, по промената на власта”- вели Наумов.
Од Либерално - демократската партија велат дека власта под диктат на Никола Груевски се задолжувала со нова еврообврзница за како што рекоа корупција на гласачкото тело.
„Убедени сме дека Македонија критично се доближува до грчкото сценарио и затоа ги повикуваме СДСМ, ДУИ и ДПА да се повлечат од преговорите за излез од политичката криза, се додека Владата предводена од ДПМНЕ не ја поништи оваа срамна одлука за издавање на еврообврзница од 650 милиони евра”- наведуваат од ЛДП.
Од „Левица“ ги повикуваат странските банки да не ги купуваат обврзниците кои Владата сака сега да ги издаде, а ако дојдат на власт рекоа дека нема да ги плаќаат каматите.
ДОМ ги повикува сите функционери и административни службеници инволвирани во постапката за издавање на новата еврообврзница да не ги извршуваат работните задачи поврзани со оваа постапка. Скандалозното задолжување од 650 милиони евра е крајно штетно и погубно за македонската економија и нема никакво оправдание, додаваат од ДОМ.
Процесот на издавањето на еврообврзницата е нетранспарентeн, води до натамошно влошување на одржливоста на јавните финансии на Република Македонија, ја амнестира фискалната недисциплина и е вовед кон натамошно задоволување на апетитите на клиентите на владеачката гарнитура во политичкиот процес, предупредуваат од Центарот за економски анализи.
ВМРО-ДПМНЕ вчера се бранеше дека еврообврзницата се издавала како реакција на политичката криза која СДСМ ја прави за да се спаси од политички пораз на избори.
Според ВМРО-ДПМНЕ, издавањето на еврообврзницата од 650 милиони евра е внесување свеж капитал во земјата.
Задолжувањето ќе се реализира годинава, а парите Македонија ќе ги враќа во рок од десет години.
