Повеќе од 51.000 бегалци и мигранти има во Грција
Моментално има 51.430 бегалци и мигранти во различни кампови низ цела Грција, објавија денеска властите во земјата.
Нешто повеќе од 15.000 се во Атика, заедно со 5.023 од оние кои се во објектот за бегалците во пристаништето Пиреја.
Повеќе од 28.500 бегалци се во северна Грција. И покрај тоа што некои мигранти го напуштаат кампот Идомени на границата со Македонија, во текот на последните неколку дена, сепак уште 11.324 луѓе остануваат таму.
Европските и грчките власти се задоволни од намалувањето на приливот на бегалци и мигранти на грчките острови, што е евидентирано минатата недела.
На Лезбос, Хиос и Самос вчера пристигнале околу 700 бегалци, што е повеќе од претходните денови, но сепак претставува намалување од пред две недели.
