Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОТВРДЕНО: Комесарот Хан доаѓа во петок, а кога ќе се повлече Премиерот?

ПОТВРДЕНО: Комесарот Хан доаѓа во петок, а кога ќе се повлече Премиерот?

Официјални потврди за посетата на Македонија на комесарот Хан пристигнаа од Европската комисија.

Пред нова година, комесарот испрати писмо до политичките лидер дека има во план во средината на јануари да ја посети земјава.

Целта на посетата на Хан според извори од ЕК е да разговара со сите засегнати страни околу спроведувањето на политичкиот договор од Пржино кој стави крај на политичката криза во земјата.

Хан ќе направи увид во имплементацијата на Договорот , а неговата посета ќе се поклопи со повлекувањето на Премиерот Никола Груевски и изборот на преодна влада и нов премиер.

Според договорот од Пржино, премиерот Никола Груевски до 15 јануари треба да поднесе оставка за да се формира нова Влада.

На почетокот на месецов премиерот потврди дека  ќе се повлече од премиерската фотелја до тој датум.

„Уште еднаш ќе Ви потврдам дека согласно договореното на 15 јануари ќе биде избор на нова Влада, со Претседател на Владата за спроведување на избори. Претходно, секако дека ќе следува мојата оставка, а кој ќе биде човекот што ќе биде Претседател на Владата за спроведување на избори ќе се објави откако ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе одлука. Таа одлука ќе биде јавно промовирана од страна на ВМРО-ДПМНЕ или преку соопштение, или на прес конференција“, изјави денеска Груевски.

КОЈ ЌЕ ГО ЗАМЕНИ ГРУЕВСКИ?

Нема дилема дека техничкиот премиер ќе биде од потесното опкружување на Груевски, кој ќе треба позитивно да влијае на имиџот на ВМРО ДПМНЕ во периодот на предизборието.

Периодов се шпекулираше со неколку имиња, а медиумите најголеми шанси му дадоа на актуелниот министер за одбрана, Зоран Јолевски.

Шанса за премиерската фотелја имаат и актуелниот министер за надворешни работи Никола Попоски, а и вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими.

Во јавноста се типува и на министерот за финансии, Зоран Ставрески, пратеникот Антонио Милошоски, а и министерот за здравство, Никола Тодоров.

Сепак, нема да биде изненадување, ако ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер предложи сосема ново име, различно од веќе познатите високи функционери на партијата.

Слично

Поврзани вести