Потврдена победата на Жерновски и Села, изборите конечно завршија?!
Андреј Жерновски е новиот градоначалник на Центар според освоените гласови на вчерашното гласање. ДИК потврди дека во Струга води Зијадин Села од ДУИ, додека во Ѓорче Петров и Долнени мнозинство гласови освоија кандидатите од ВМРО ДПМНЕ, Сокол Митровски и Боше Милошевски.
Со 14.566 гласови за Жерновски, наспроти 11.760 за актуелниот градоначалник Владимир Тодоровиќ, од опозицискиот штаб јавија дека Жерновски извојувал победа во Центар со разлика од 3038 гласови.
„Во првиот круг, наш политички противник беше Владимир Тодоровиќ, во вториот Никола Груевски. Третиот пат противник на власта не бевме ние, туку граѓаните на Општина Центар, кои потврдија дека не може ниту оваа власт ниту друга власт да ја промени јасно изразената волја на граѓаните. Центар докажа дека ниту може да биде поткупен ниту да биде уплашен. Ова е победа која им паѓа на граѓаните на Центар. Нека ова прегласување биде порака дека тој што тргнал против волјата на граѓаните ќе биде поразен“, истакна синоќа Жерновски.
Честитка му упати Илија Димовски, директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, кој истакна дека кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ победиле во две од четирите општини на вчерашното гласање.
„Сокол Митровски и после денешното гласање, повторно е избран за градоначалник на општина Ѓорче Петров и тоа со поголема разлика. Во општина Долнени, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Боше Милошевски од денеска е нов избран градоначалник. Тој го победи својот противкандидат од ДУИ, кој до сега беше градоначалник на Општина Долнени, со значителна предност. Значи во оваа општина градоначалникот до сега беше од ДУИ, а од денес е од ВМРО-ДПМНЕ. Но би сакал да ја честитам и победата на кандидатите на СДСМ и ДПА во општините Центар и во Струга“, изјави Димовски.
Во Ѓорче Петров се гласаше на едно избирачко место. Во Долнени пак на 20 од 39 избирачки места каде што Боше Милошевски победи со 3880 гласа, наспроти 2375 колку што доби кандидатот на ДУИ, Абдула Бајрамовски. Излезноста овде надмина 74%.
Демократската партија на Албанците во Струга прогласи победа на нивниот кандидат за градоначалник Зијадин Села.
„На овие локални избори за кандидатот Зијадин Села гласаа 20.728 граѓани, а за Кочоски 14.676 или разликата е 6.072 гласови , изјави портпаролот Албрим Хоџа.
Главната прослава се одржа во струшко Подгорци каде ДПА слави, а од Тетово пристигна и лидерот на партијата Мендух Тачи.
„Навистина ми е драго што Зијадин Села победи во Струга, бидејки навистина ја сакаше победата на овие избори“ рече Тачи.
Слично
