Потребна е поголема трговска размена меѓу Хрватска и Македонија
Потребно е подобрување на економската соработка меѓу Македонија и Хрватска. Иако Хрватска влезе во Европската унија по што престана да важи Договорот за ЦЕФТА, неопходно е воспоставување деловни контакти меѓу компании од различни стопански дејности, како и размена на меѓусебни информации, но и заеднички настап на трети пазари. Ова се заклучоците од Македонско-хрватскиот бизнис-форум во Скопје.
Државниот врв се пофали за соработката со Хрватска, стопанствениците пак истакнаа дека може многу подобро.
Според министерот за економија, Ваљон Сарачини, кој неодамна ја посети Хрватска, веќе се реализирани сите точки кои билеа договорени. Посочи дека хрватска инвестиција од 6 милиони евра за фабрика за вода „Мали Лошињ“ веќе се реализира, а истакна дека е потпишан и Договорот за изменување и дополнување на договорот за економска соработка и трговија помеѓу двете држави .
„Имаме реално избалансирани трговски односи, но наша цел е во наредните пет години Хрватска да биде меѓу петте најголеми трговски партнери на Македонија. Можеби звучи нереално, но зависи од нашата способност, ако повеќе се ангажираме - не е невозможно“, истакна Сарачини.
За претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, намалената трговска размена меѓу двете земји лани, се должи на преструктурирањето на Хрватска за влез во Европската унија и излез од ЦЕФТА.Тој смета дека тие процеси се зад нас.
„Мислиме дека 2014 година треба да е сериозен предизвик за подобрување на соработката меѓу Хрватска и Македонија за што постојат големи можности. Со влегувањето на Хрватска во ЕУ очекуваме поддршка, разменување на искуствата и заеднички настап на трети пазари“, додадеАзески.
На билатералната средба на Сараќини со министерот за економија на Хрватска, Иван Врдољакона била утврдена потребата од отварање на канцеларии во самите министерства на двете земји за поддршка на компаниите во водење бизнис, а разгледана е и можноста за воведување на чартер линии за поевтини билети.
„Големината на економската размена помеѓу Македонија и Хрватска не можеме да ја сметаме за доволна, цифрата од 200 милиони евра е неприфатлива. Таа бројка може да биде многу поголема со оглед на можностите кои ги имаме во заедничката работа. Тоа што сакаме да го направиме е партенрство. Хрватска е врата во ЕУ и ние сме отворени за сите наши пријатели“, изјави Врдољак.
Слично
