ПОТОНУВА-Може ли нафтата да падне пониско од ова?
Цените на нафтата се движеа близу најниското ниво за последните седум години, пред објавувањето на извештајот за залихите и очекуваното подигање на каматните стапки во САД.
Американската „лесна“ нафта (WTI) за испорака во јануари поскапела за 2 центи на 37,67 долари за барел, а сировата нафта од типот „брент“ за 18 центи на 40,19 долари, исто така за јануарските испораки, пренесе Франс прес.
Цената на WTI вчера во Њујорк падна за 5,8 одсто на 37,65 долари, а на „брент“ во Лондон за 5,3 одсто на 40,73 долари, што се најниски нивоа од февруари 2009 година.
Минатонеделната одлука на ОПЕК да го задржи актуелното високо ниво на производство на нафта продолжува да врши притисок на пазарот кој веќе е оптеретен со обемни залихи.
Аналитичарите тврдат дека денешното благо опоравување на цените на нафтата всушност се резултат на распродажбата пред утрешното објавување на извештајот за комерцијални залихи на „црно злато“ во САД, кој, како што наведува агенцијата , ќе помогне при утврдување на нивото на побарувачка во земјата кој е најголем светски потрошувач на тој енергент.
Според истражувањето кое го направила њујоршката агенција „Блумберг“, залихите во САД веројатно пораснале 11 недела по ред, што укажува на слаба побарувачка.
Трговците, исто така, се фокусирани на состанокот на Федералниот комитет на американската централна банка за операција на отворен пазар кој се одржува наредната недела, и се очекува членовите на тоа тело да го објават првото подигање на каматните стапки за последните девет години,
Зголемувањето на каматните стапки обично ја подига вредноста на доларот, па нафтата изразена во таа валута станува поскапа за купувачите кои користат послаби валути, што последично ја поткопува побарувачката и ги урива цените на нафтата.
