Постојат докази дека еден граѓанин има повеќе матични броеви
Фросина Ременски, потпретседателката на СДСМ во денешното интервју за Радио Слободна Европа вели дека има случаи кога еден граѓанин има повеќе матични броеви и открива дека имале документација за три матични броеви на еден граѓанин.
Опозицијата во една прес конференција во текот на пуштањето на таканаречените бомби обвини дека во текот на последниот изборен циклус се печателе лажни лични карти.
Ременски тврди дека нивните сознанија покажуваат случаи кога еден граѓанин има повеќе матични броеви, тврди дека имаат документација за три матични броеви на еден граѓанин.
Таа посочува дека тоа е доволен предизвик за истражувачкото новинарство да ги открие.
Запрашана дали и на кој начин може да санкциониран криминалот на државните функционери за коишто слушнавме во дел од објавените разговори, се разбира доколку се докаже автентичноста на разговорите, Ременски одговори дека автентичноста досега никој не ја спорел.
„ Едно е приказната што ја промовира власта дека тоа се монтирани разговори извадени од контекст, коишто не се автентични, но кај ниеден од актерите во разговорите коишто беа објавени не наидовме на демант дека не се препознава во разговорот или дека не го водел разговорот што индиректно ја потврдува автентичноста на разговорот. Шепата што ја има ставено врз судската власт, која во овој случај треба независно и објективно да ги цени доказите, е гарант на власта дека сè што ќе посака власта така ќе излезе во судскиот процес и затоа толку жестоко се алудира на докажување на автентичноста на суд. Ако знаеме претходно како се водеа судските постапки, нормално во таква постапка, автентичноста ќе се доведе под прашање. Кога зборуваме за одговорноста на функционерите кои индицираат дека сториле кривични дела од разговорите кои што ги објавуваме, СДСМ после секоја прес-конференција, врз основа на разговорите, поднесува повеќе од десет кривични пријави против лицата кои учествувале во разговорите и за коишто постојат индиции дека прекршиле одредени закони, не сториле нешто, а морале да го сторат или ја злоупотребиле позицијата од којашто интервенираат за одредени случувања. Во таа насока ние ги приложуваме и снимките коишто ги нудиме на судот како доказ врз основа на веќе донесена пресуда од Европскиот суд во Стразбур во коишто има вакви постапки, а знаете дека пресудите од Европскиот суд за човекови права се извор на правото и обврска на судовите да ги земат предвид кога судат во случаи во националните судови. Но, доколку и еве не ги земат како докази, тие содржат сериозни индиции за сторен криминал на високи функционери во власта. Доколку сме имале институции коишто можеле и сакале и биле должни да ги санкционираат функционерите при утврдување на минимум пречекорување на нивните овластувања, ние досега тоа ќе сме го имале. И еве ви го одговорот на прашањето зошто луѓето вработени во службите на опозицијата и ги доставиле материјалите. Токму затоа што биле свесни за прекршување на законот од страна на јавните функционери, а не виделе никаква разрешница или реакција на институциите коишто се задолжени да го следат, процесуират и аргументираат ова за коешто ние денеска зборуваме“, изјави таа.
Целото интервју прочитајте го овде.
