Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поставени темелите на фабрика за печурки во Свети Николе

Поставени темелите на фабрика за печурки во Свети Николе
Поставен камен-темелник на нова фабрика за печурки во индустриската зона „Овче Поле“ во близина на Свети Николе, која е  холандска инвестиција. Во новата фабрика во првата фаза од инвестицијата планирано е да се вложат околу 3,5 милиони евра додека за пет години севкупната инвестиција се проценува на 25 милиони евра. Според најавите, во почетокот фабриката ќе вработи околу 30 луѓе, а за неколку години бројката на нови вработувања треба да достигне до 450. Очекувањата се инвестицијата да го заживее регионот и да донесе придобивки како за нововработените и за нивните семејства, така и за другите македонски компании кои би соработувале со новата фабрика. На поставувањето на темелникот покрај премиерот Никола Груевски, градоначалникот на Општина Свети Николе Зоран Тасев присуствуваше и инвеститорот од ИД Балкан ДООЕЛ Тетово, Теодорус Ван Кампен. Груевски истакна дека Владата и во иднина, заедно со општина Свети Николе и со сите други општини, ќе работи да овозможи што подобра бизнис-клима во земјата, како и поатрактивни можности за инвестирање и комуникација со веќе постоечки фирми. - Република Македонија со севкупната бизнис-клима со сето она што го направивме во изминатиот период со сите оние резултати и рангирања на земјата во редот на најдобрите бизнис-реформатори во Европа и во светот станува се позабележителна и поатрактивна држава за странски инвестиции. Тоа се докажа и на терен и на многу други места каде што се изградија или во моментот се градат фабрики на странски инвеститори, рече Груевски. Премиерот најави дека наскоро ќе почне и изградбата на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип. Изградбата на овој автопат, според него ќе биде од големо значење за бизнисот, но и за странските инвеститори во нивните размислувања каде во Македонија да ги лоцираат своите фабрики. Според премиерот Груевски, овој автопат на Свети Николе ќе му овозможи одлична поврзаност, релативно кратка релација кон главниот град Скопје, голема близина до аеродромот „Александар Велики“ и севкупно, нагласи, одлична позиционираност да биде домаќин на многу други странски компании. Ван Кампен потенцира дека Македонија има огромен потенцијал, но „трикот“ е како да се искористи. - Пред три години господине премиер во вашата канцеларија ви дадов ветување, а ветувањето е сега тука, рече Ван Кампен. Градоначалникот на Свети Николе Зоран Тасев потенцира дека ова е само уште еден пример за тоа што работи Владата предводена од премиерот Никола Груевски со креирањето поволни услови за привлекување странски инвестиции. Локалната самоуправа, посочи, има свој придонес за тоа што се случува овде денеска.
Слично

Поврзани вести