Поставен образецот на УЈП: Пријавувањето за субвенции за платите почнува денеска
Од денеска на платформата на Управата за јавни приходи е поставен образецот на кој работодавачите од денес па се до 30 април може да ги поднесуваат Барањата за финансиска поддршка за исплата на плати на работниците за месеците февруари и март 2021 година.
Барањата се поднесуваат електронски за секој месец одделно, информираше директорката на Управата Сања Лукаревска.
Комплетноста на Барањето треба да го потврди Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на доставувањето на барањето.Условите од Законот за користење на финансиската поддршка се истите како и од претходниот Закон, односно работодавачот треба да има пад на приходите од најмалку 30 отсто, да не се врши исплата на дивиденда и награда за деловна успешност, работникот да нема остварено нето плата поголема од 39.900 денари во претходните 4те месеци, работодавачот да не исплатува нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиската поддршка на повеќе од 10 отсто од вкупниот број на вработени, да не користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, работникот да не е пријавен на дополнително работно време и работодавачот во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година, има остварено кумулативно акумулирани добивки пред оданочување помали од 600.000.000 денари.
Во месецот за кој се бара финансиска поддршка, работодавачот треба да има ист или поголем број на вработени споредбено со месец декември 2020 година со исклучок на одјавените работници по оправдани основи согласно законот. Овој услов рече Директорката немаат обврска да го исполнат работодавачите кои вршат угостителска дејност односно дејности за подготовка и служење на храна и објекти за сместување, како и транспортната дејност, односно копнен и цевоводен транспорт кој поради здравствените протоколи имаат затворено најмалку 50 проценти од своите капацитети преку кои го остваруваат прометот.
Висината на износот на финансиската поддршка по вработен ќе зависи од процентот на намалување на приход на работодавачот и истата изнесува од 14.500 денари по вработен за пад на приход од 30 до 40 проценти, до максимални 21.776 денари по вработен за намален приход над 80 отсто.
Министерот за финансии Фатмир Бесими вчерабрече дека вкупната вредност на оваа мерка е 1,9 милијарди денари, кои се издвоени од буџетот, а ќе се опфатат околу 60.000 работници. Фирмите ќе можат да аплицираат и за кредити од 3.000 до 30.000 евра согласно Ковид 4 бескаматната линија преку Развојната банка, за која се издвоени 615 милиони денари (10 милиони евра). Предвидено е за компаниите кои ќе го зголемат бројот на вработените или прометот, дел од бескаматниот кредит да им се трансформира во грант.
