ПОСТ КОВИДОТ ГО ОДЗЕДЕ ЖИВОТОТ НА МАЛИОТ СТЕВАН: Успешно екстубиран од респиратор, но по месец дена ненадејно почина по белодробна тромбоемболија
Пандемијата на корона вирусот ја однесе најмладата жртва во Србија, 13-годишниот Стеван Р. од Сомбор.
Момчето почина ненадејно од белодробна тромбоемболија, која, како што велат лекарите најчесто се јавува како последица од прележан ковид-19.
Како што пишува Новости рс, Стеван пред еден месец се лекувал од корона вирусот во Детската болница во Белград, каде поради тешка клиничка слика бил интубиран. Сепак, тој закрепнал и бил пуштен дома во добра општа состојба.
- Со оглед на тоа дека имал прекумерна тежина и дијабетес, веднаш штом му бил констатиран ковид, бил пренесен во Белград. Со големи напори на лекароте детето закрепнало, било успешно екстубирано и по неколкудневна опсервација било пуштено дома – дознава Новости од лекарски извори од болницата.
Но, поради долгото лежење, момчето добило рани-декубити, поради што одело на преврски во амбулантата на Здравствениот дом „Ѓорѓе Лазиќ“ во Сомбор.
- При последната контрола му се слоши, сите скокнаа на нозе да го реанимираат, веднаш пристигнаа две амбулантни возила. Пренесен е во болница, колегите дадоа се од себе да го спасат, но, за жал, немаше помош за него - велат уште видно потресени во Сомборскиот здравствен дом.
Поради неговата примарна болест дијабетес и дебелина, на родителите им било препорачано да го вакцинираат детето, но тој не ја примил вакцината.
Последно збогум
Малиoт Стеван беше погребан вчера на Големите католички гробишта во Сомбор. До вечниот дом го испратија семејството и сите негови пријатели.
