Последната седница на овој состав не поминува „мазно“, пратениците во жестока кавга!
Во Собранието, во тек е седницата на која единствена точка на дневен ред е одлуката за распуштање на овој парламентарен состав и организирање предвремени парламентарни избори.
Во име на предлагачите од пратеничката група на ДУИ, иницијативата ја образложи Неџати Јакупи, според кого партијата на Ахмети покажала храброст кога предложила консезуален претседателски кандидат - чекор за кој останатите политички субјекти не биле доволно смели.
„Со гордост констатираме дека нема да дозволиме да се запечати албанскиот идентитет. Загрижени сме што политичките субјекти не се подготвени за ваков смел политички чекор. Оваа понуда за консензуален претседател не е политичка уцена, туку предизвик и говори за нашата политичка зрелост“, рече Јакупи.Иако бара предвремени парламентарни, ДУИ ќе ги бојкотира претседателските избори на кои не понуди свој кандидат. Јакупи потврдува дека партијата со сите сили ќе се бори за уставни измени со кои шефот на државата ќе се бира во Парламентот. На овој начин, сметаат од ДУИ, кандидатот ќе мора да биде консензуален оти ќе мора да го поддржат и другите етнички заедници. ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека ќе ја поддржи иницијативата за распуштање на Собранието, а ова го потврди денеска и пратеничката Силвана Бонева. Таа ја обвини опозицијата дека единствено се плаши од изборно соочување.
„Македонија е демократска држава, во која демократијата ја носат граѓаните и нема поголема демократија кога тие одлучуваат. Денес ова Собрание ќе им дозволи на граѓаните да го проверат легитимитетот на партиите учесници во политичката сцена. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ никогаш немала дилема дали граѓаните носат вистински одлуки. Веруваме во граѓаните, сакаме тие пред крајот на нашиот мандат, да го искажат своето мислење. Не се плашиме одново да ја побараме довербата, зашто зад нас стојат дела, а грешките сакаме да ги поправиме“, рече Бонева.Според неа, ВМРО-ДПМНЕ не ги доживува како добронамерни барањата на ДУИ за консезуален претседателски кандидат и смета дека се спротивни на државниот интерес. За опозицијата одлуката за предвремени избори е договрена фарса на двете партии во владејачката коалиција и наликува на серијата „Балкански прељубници“.
„Има една серија „Балкански прељубници“, каде неверствата се разоткриваат, а прељубниците се откриваат. Денеска е време не еден проѕирен начин да се одигра последниот чин, кој ќе го спроведе Трајко Вељаноски. Сите услови за Балкански прељубници се исполнети, има камери, има новинари. Прв чин, ДУИ бара консензуален кандидат и го лаже членството. Втор чин, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува и лажејќи го сопственото членство Никола Груевски вели дека Али ќе ја дестабилизира државата. Види чудо! Трет чин, вредноста на албанските гласови на овие избори ќе биде сведена на нула и албанските гласови нема да влијаат на цензусот. Цензусот ќе биде обезбеден без разлика дали ДУИ ќе ги бојкотира или не изборите. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се во брак 6 години, вработуваат партиски членови, а потоа ги заплашуваат. Сите тендери ги делат, сите закони ги гласаат“, вели Горан Мисовски од НСДП.Според опозицијата, власта создава сценарио на контролирана нестабилност за да си обезбеди уште еден мандат. Наџи Џели од НДП вели дека иницијативата го разоткрива „Бермудскиот триаголник“ - ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА чија цел е, преку одржување и на парламентарни избори, да се потврди изборот на Иванов и „неговите црвени линии“ кон Албанците.
„НДП го повторува својот став дека единствен одговор на политиката на Груевски е партиите на Албанците да излезат со заеднички кандидати за изборите и со тоа да се добие многу поголем број на пратеници во идниот состав. За жал, свесни сме дека тоа нема да помине кај двете поголеми партии на Албанците“, рече тој.ДПА отфрла секаква вклученост во вакво сценарио. Напротив, партијата на Тачи тврди дека тие ја „прочитале“ играта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и се обиделе да ја спречат.
„Глумењето на конфликт околу консезуалениот претседател е како причина за парламентарни избори и тоа во втор круг од претседателски избори. Зошто? Замислете, сега ДУИ ќе треба да го обезбеди цензусот во вториот круг за да се избере Иванов. А, Иванов е лош претседател, лош за Албанците, но ДУИ нема против. Но, ДПА излегува со кандидат за претседател за да го спречиме националниот срам што го подготви ДУИ“, изјави Беким Фазлиу од ДПА.За да помине иницијативата за распуштање на Собранието, треба да ја поддржат мнозинството од вкупниот број пратеници, односно да добие 62 гласа.
Слично
