ПОСЛЕ ЦРНИОТ 24 ДЕКЕМВРИ: Буџет во присуство на опозицијата!
Жестока собраниска дебата имаше за новиот Буџет 2016 година. Опозицијата бараше одговори за што и кои проекти се задолжува владата. Дел од пратениците во фокусот ги ставија странските директни инвестиции и побараа одговор колку пари чини едно работно место во новите фабрики. Креаторот на Буџетот, министерот за финансии го праша СДСМ, каде беше Македонија во време на нивниот мандат во рангирањата на Светска Банка и Форбс за реформи и за бизнис клима.
По три буџетски години пауза, Буџетот за 2016 година сега се дебатира и се усвои во присуство на опозициската СДСМ.
Токму буџетот беше причина за немилите настани од пред три години кога опозицијата беше исфрлена од парламент, што беше клучна причина за подоцнежните политички кризи во Македонија.
Како и за што ќе се трошат рекордните 3,2 милијарди евра – ова беше клучно прашање на кое опозиционерите бараа одговор.
“Годинава пишува дека од Буџетот планирате да дадете 9 милиони евра за изградба на слободните економски зони. Државната помош што ја давате никаде ја нема. Вие како прв финансиер во Владата мора да знаете колку ве чини едно , како што велите, новоотворено работно место во ТИРЗ. Зборуваме за Буџетот и нас еве не интересира колку граѓаните ги чини едно работно место. Мислам дека бројките ќе бидат фрапантни и застрашувачки, можеби и ќе дојде до 30 илјади евра за едно отворено работно место и треба да ни одговорите за да не шпекулираме “, изјавија дел од пратениците.
Според министерот за финансии Ставрески во мандатот на СДСМ не само што немало странски инвестиции, туку се затворале и работни места.
“Гледам дека ова со странските инвестиции доста ве мачи и треба да ве мачи. Пред седум години коментарите беа “Види ова ливади се, ништо нема“, сега кога видовте дека не се зелени ливади дека и дека има нешто, ама чекај сега колку кошта ова. Се во животот кошта нешто. Вие прашувате колку чини едно работно место, тоа е еден сегмент од вкупната приказна. Кажете ми колку на Македонија и вреди тоа што има трговски суфицит со Германија и тоа е резултат на таа политика на Владата за формирањето на слободните зони и извозот на автомобилски делови од тие зони. Што треба да биде Македонија, како од времето на СДСМ да извезуваме само земјоделски производи и суровини? Не. Треба да извезуваме готови производи како од Џонсон Мети и Дрекслмајер“ – рече министерот Ставрески и оцени дека опозицијата била нервозна зошто Македонија станала препознатлива според политиката за привлекување на странски инвестиции.
Според новите буџетски позиции, догодина растот на БДП ќе изнесува 4%, главно генериран од зголемена јавна потрошувачка и раст на бруто инвестициите за 7,5%. Во 2016 та Владата планира да потроши 3,2 милијарди евра, ниво кое е највисоко досега.
„Тоа чоколадо коешто сакате да го соберете во форма на буџетот за 2016 година не можат да го зготват ниту граѓаните, ниту стопанството, меѓутоа вие го имате волшебното стапче или состојка којашто се вика земи си кредит. Затоа буџетот за 2016 година е нереален, неразвоен, буџет којшто длабоко ја пика раката на владата во џебот на граѓаните за да извлече што повеќе пари, длабоко ја пика раката во сметките на компаниите за да им земе што повеќе пари“, изјави уште на почетоците од расправата пратеникот од СДСМ, Марјанчо Николов.
Новиот Буџет е развоен, со досега најголема стапка на капитални инвестиции кои ќе бидат значајни за вкупната економија, изјави министерот за финансии. Ќе има повеќе пари за социјала и за пензии.
“Ќе се продолжи со политиките за грижа за социјално ранливите категории, пред се на примателите на социјална помош и пензионерите, како и земјоделците за коишто во буџетот за 2016 година се предвидени повисоки износи на средства и нови зголемувања на социјалната помош и на пензиите“, изјави министерот Ставрески.
Според податоците од Министерството за финансии, оваа година ќе се заврши со добра ликвидност на буџетот и навремено и редовно сервисирање на сите обврски од буџетот, со што ќе се создаде добра основа и 2016 година да започне со добра буџетска позиција, особено како што рече Ставрески, основа за да се остварри проекцијата според која буџетскиот дефицит ќе се намали од 3,6 на 3,2 проценти од БДП.
Дефицитот, како што е посочено во предлог-Буџетот 2016, ќе се финансира во комбинација на домашни и странски извори, односно издавање еврообврзница во следниот период, а на домашниот пазар ќе се оди на продолжување на рочноста на хартиите од вредност.
До година, вкупните расходи се проектирани на скоро 3,2 милијарди и тие се за 4,7 проценти повисоки од годинашните, а вкупните приходи се проектирани на 2,9 милијарди евра и кај нив има зголемување за 6 проценти во однос на 2015 година.
Во 2016 та година, по основ на даночни приходи во државната каса треба да се слеат 1,6 милијарди евра и се очекува да имаат раст од 6,5 проценти во однос на 2015 година. Приходите од социјалните приднеси се димензионирани на ниво од скоро 800 милиони евра или за 4,2 проценти повеќе од оваа година.
За патна инфраструктура во 2016 година, како што информираше министерот Ставрески, е предвидено да се вложат 243,3 милиони евра. До година само за плати на буџетарите ќе се потрошат 421,2 милиони евра а за стоки и услуги 321,4 милиони евра.
Слично
