ПОСКАПУВАЊАТА НЕ ЗАПИРААТ: Фирмите во Македонија повлекле дури 200 милиони евра во девизи од банките за само еден месец
Во месечниот извештај за април за „парична маса и вкупни депозити на недржавниот сектор“ што го објави Народна банка може да се види дека во овој период кај корпоративниот сектор се намалилиле девизните заштеди во вредност од речиси 200 милиони евра кај заштедите во деловните банки.
Ако пред почетокот на април тие изнесувале 66,1 милијарди денари, на крајот на месецот депозитите на фирмите во странска валута кај комерцијалните банки се евидентирани на околу 54,7 милијарди денари. Намалувањето изнесува 17,2 отсто.
Банкарите од управните одбори кои ги контактиравме за објаснување велат дека тоа не се должи на недоверба во банкарскиот систем, или дека е директно поврзано со кризата на Блискиот исток, туку дека галопирачката инфлација го прави своето.
- Тоа се должи најмногу на високата инфлација и фирмите сметаат дека е подобро сега да ги обезбедат своите суровини, репроматеријали, недвижнини или опрема за работа, бидејќи очекуваат дека во иднина ќе бидат многу поскапи. Затоа и ги повлекуваат девизите од банките како заштеди и ги трошат, велат некои од управителите на комерцијалните банки.
Тие велат дека оваа појава е започната од последната недела во март, а можно е и да продолжи во текот на ма, но вистински проблем би можело да претставува ако таа активност продолжи на долг рок, бидејќи може да ја загрози стабилноста на курсот на денарот.
Намалени се и денарските депозити кај фирмите и тоа за околу 5 отсто. Падот е за повеќе од 6 милијарди денари, односно за 100 милиони евра сметано во домашна валута. Штедењето кај домаќинствата во денари и во девизи останува стабилно без поголема промена.
„Депозитите на корпоративниот сектор, во април, се пониски за 9,1 проценти на месечна
основа, во најголем дел поради намалувањето на краткорочните депозити во
странска валута и депозитните пари, при пад и на долгорочните депозити, додека
краткорочните депозити во денари забележаа раст“, потврдува и Народна банка во својот коментар.
А.К.
